Светиниколските фабрики „Мода“ и „Кемтекс“ ќе бидат затворени до понеделник, откако досегашниот скрининг во двете конфекции покажа дека 45 работници се заразени со коронавирусот, од кои 15 се претходно откриени пред масовното тестирање.
Осумдесет отсто од позитивните случаи се асимптоматски и, доколку не се спроведеше скринигот, заразата и натаму ќе се ширела во погоните. Во моментов се чекаат резултати за 90 работници.
Според податоците на ИЈЗ, како што веќе објави „360 степени“, од почетокот на овој месец има драматичен раст на бројот на новозаразени од ковид-19 на подрачјето кое го покрива ЦЈЗ – Свети Николе.
Заразата меѓу работниците од текстилните фабрики се шири и во Штип. Досега се регистрирани случаи во вкупно осум конфекции, од кои три се нови. Дел од нив се затворени.
Епидемиолозите велат дека работниците веќе не ни знаат како се заразиле, дали по работното време, при дружење со пријатели или семејството или, пак, во контакт со некоја од работничките.