Македонска конзервативна партија – ИНТЕГРА бара да се направи увид во неважечките гласачки ливчиња од вчерашните предвремени парламентарни избори зашто, како што рече на прес-конференција претседателот на партијата Љупчо Ристевски, „постојат сомнежи дека во тој дел е вршен изборен инженеринг по моделот на осумтемина велепредавници за уставните амандмански промени што има за цел да ги неутрализира гласовите дадени за промакедонските партии“.
Ристовски побара државните органи да ги расчистат сериозните сомневања во јавноста и да понудат материјални докази за кредибилноста на изборниот процес.
„Не смее да се доведе под прашање највисокото демократско право на глас и со тоа да се компромитира целиот изборен процес. ДИК до овој момент сѐ уште нема никакви официјални податоци за изборните резултати, а имаме информација лично дадена од претседателот на ДИК дека имале хакерски напад. Како знаат дека досега објавените податоци во јавноста не се објавени од хакерите и како нас ќе нѐ убедат дека податоците што струјат во јавноста се исправни и веродостојни и се податоци на ДИК“,
праша Ристовски на денешната прес-конференција.