Речиси секоја недела на магистралниот пат Битола-Ресен има жива блокада.Живот во дивоградби, во дива населба, покрај дива депонија. Жителите од битолското „Картон маало“ си ги бараат предизборните ветувања.
По едно полско веце за повеќе куќи, по малку вода само во подолните краеви. Ова е секојдневието за 2 000 Роми над Битола, кои често ги полнат полициските билтени.
Ова е озогласената дива населба во Битола, каде сите улици и жители се водат под една адреса „Караорман 111“. Секое семејство овде има посебна приказна, но она што сите ги обединува е фактот што живеат живот кој не наликува на 21 век.
56-годишната Елизабета Камбер со години живее во страв за своето и за здравјето на најблиските.
„Купи 30 блока, клај ги настрана, еве ги, купи 40 блока, клај ги настрана… Куќи немавме, видовме не видовме фативме место, 10 години сум тука, соседите исто 10 години седиме, ама без вода не бива. Овдека се живее кај куќата моја без вода, без канал, храна доволна немат, децата, хигиена немаат, парите што ќе ги земиме 1 300, ќе одиш билки да земиш, зараза фаќаат нашите деца. Едно дете да ти падне болно или инфекција ете гледате сама нема вода, со што да изметам со што да исчистам? Со вода се се прави.“ , ни раскажа таа.
Немањето вода и канализација се само дел од проблемите за жителите на ова маало.
„Децата не можеме да ги школуваме, со 1 800 денари социјално живееме. Ниедно дете од Ромиве тука не е школувано, тек-тук дали има 10 души, 15 школувано и не се вработени нигде. Ако не е железово и шишињава пластични не можеме да живееме… најмалце илјада кила, еден тон шишиња да собереме за 10 000 денари да извадиме, а ти знаеш колку вреќи треба? 30-40 вреќи од големите за да собереме еден тон шишиња.“, вели Рафет Мемишовски кој издржува осумчлено семејство со собирање и продавање пластични шишиња.
Табу тема во населбата се зависноста од дрога и проституцијата, иако зад камерата повозрасните признаваат за овие проблеми. Животот на младите, кои не одат на училиште, а мораат, поминува во безделничење или тренирање кучиња за борби. За најмалите, и покрај лошите услови, доволно е малку сонце за да излезат и да се дружат.
Со животот во населбата е запознаена и новата градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, вели неформалниот претставник на ромското маало. Тој тврди дека лично лобирал кај Ромите да гласаат за СДСМ да ја добие локалната власт.
„Диваградба е и треба да се урбанизира, да се стави улици и броеви да имаме сите, оти оваа населба е на диво, а тоа не ги интересира во општината. Ги молам надлежните лица кои се претставени во општината, нарочито Наташа, таа добро мене ме знае, јас сум бил сниман лично со неа кога беа изборите. Сакам да кажам, таа што ни вети дека ќе почнат од март да работат, патот да го направат, водата да ја постават и канализацијата, ги молиме да не биде со лага-ага, туку она што е ветеното да се постави да се направи. Треба да постават контејнери, да се фрла ѓубрето во контејнери.“, вели Ибраим Саит, неформалниот претставник на ромското маало.
Сега целиот отпад и изметот завршуваат на дива депонија, која е речиси споена со куќите. Депонијата честопати гори, за од гумите да се извади жица и така да се дојде до некој денар. Но, сметот се користи и за протести. Со палење на отпадот и со жив штит, жителите го блокираат патот како простест за исклучената струја. Дури и тие што имаат, се жалат на слаб напон. Поради ова протестите ќе продолжат, вели Шерафедин Мусовски.
„ Зошто ви ја блокираат струјата?
-Па сигурно…евентуално…од неплаќање.
Зошто не плаќате?
-Абе под социјална помош сме, секој има четири-пет души зема 1 500 денари парична помош, како ќе плати тој струја, а никој не е вработен.
Сите плаќаат редовно сметки за да имаат струја знаете…
Абе што ќе плаќам, фабриките не плаќаат ги исклучија, јас ќе платам со 1 500 денари, а имам 6 деца дома.
-Ќе продолжите да го блокирате патот?
Ќе продолжиме.“
Дента кога ја посетивме населбата, жителите не протестираа и ги пропуштаа возилата за Ресен и за Прилеп. Но, кога има блокада, и тешките товарни возила мора да поминуваат низ централното подрачје на Битола. Дури и да не протестираат Ромите, на магистралниот пат подолго време сообраќајот или беше целосно забранет или се одвиваше по само една лента, поради свлечиште на патот. Беа поставени и семафори, но набрзо беа украдени. Сега повторно има нови семафори, а и патот привремено е пуштен за сообраќај. Но, советничката во општина Битола од граѓанската иницијатива „Поинаку“ вели дека тоа не значи оти проблемите се решени туку дека ова е последица на градежни активности на влезот на Битола. Таа се обидува да издејствува конкретна сеопфатна акција од локалната власт.
„Како советници во изминативе 4 месеци, на неколку пати сме алармирале до општина Битола, односно сме барале за овој проблем да се разговара на Комисијата за животна средина, каде би добиле информација што точно се случува горе на патот кој би требало да биде затворен. Она што сме го добиле како информација е нашето качување на лице место и гледање дека навистина таму се палат гуми, има блокада на патот кој можеби е и оправдана, меѓутоа проблемот на ниеден начин не гледаме дека се решава. “, вели советникчката во општина Битола од граѓанската иницијатива „Поинаку“ – Габриела Илиевска.
Советничката Илиевска вели дека прогласувањето на градоначалничката за ненадлежна, создава револт кај граѓаните.
„ И покрај тоа што сме барале на неколку наврати да преземи нешто општината во врска со тоа сме добивале одговор дека не сме надлежни како општина да се занимаваме со тие проблеми.Сметаме дека тоа не е одговор за нас, сметаме дека треба да се лобира до централната власт до Министерството за транспорт и врски, до Агенција за пaтишта и до сите оние истанци кои се надлежни да го решат овој проблем.“, додава таа.
Битола е еден од најзагадените градови во Македонија. Најголем проблем е согорувањето на јагленот и одлагањето на пепелта во РЕК Битола – најголемиот производител на струја во земјава. Возилата кои честопати принудно транзитираат низ градот се дополнителен загадавуч, а трет извор е чадот од депонијата во ромската населба. „360 степени“ побара став од градоначалничката за случувањата на магистралниот пат и за животот на Ромите, кои се надеваат на помош од општината. Таа не ја прифати поканата за интервју. Од општината писмено ни одговорија дека не се надлежни за патот. Тврдат дека дивите депонии постојано се чистат и дека се бара решение за жителите од таа населба.
„Наскоро ќе започнат активности за подобрување на електричната мрежа за напојување со електрична енергија на домаќинствата. Проектот ќе се реализира во две фази и ќе изнесува над 5 милиони денари… Легализацијата на дивоградбите ќе се одвива исклучиво во рамки на законската регулатива, така што секој што ги исполнува законските услови ќе може да легализира објект. Сепак, за еден дел од населбата, кој е на исклучително лоша местоположба, дополнително влијае и тоа што не се презеле никакви мерки во минатото, така што сега е исклучително тешко да се најде решение.“, велат од општина Битола.
Зошто нема вода, одговор не добивме. Во меѓувреме, анархијата во битолското ромско маало продолжува. Непосредно до најголемиот произведувач на струја, луѓето живеат во темнина, но и во надеж дека пролетта, сепак, ќе донесе малку светлина во нивното секојдневие.
Напишете коментар