Државната изборна комисија (ДИК) користи погрешна формула за пресметување на излезеноста на денешните парламентарни избори и со тоа ја доведува јавноста во заблуда со податоците што ги пласира во јавноста.
Ова лесно може да се заклучи од увидот во податоците што ДИК ги презентираше за одѕивот до 9 часот и до 11 часот. Имено, ДИК пресметува процент на излезеност од вкупниот број запишани избирачи во списокот (1 814 263), а не од запишаниот број избирачи во избирачките места од кои добила податоци за излезеноста (т.н. обработени избирачи).
Ефектот од грешката е помала прикажана излезеност од реалната.
На пример, излезеноста до 11 часот за обработени 1 746 492 избирачи е 15,71% (со излезени 274 435 гласачи), а не 15,13% , како што покажува информацискиот систем на ДИК, чии податоци се објавуваат на официјалната веб-страница.

Разликите меѓу прикажаната и реалната излезеност се поизразени кога се прикажуваат податоци од помал број избирачи места, односно од помалку обработени податоци.