До овој момент, од почетокот на гласањето, во основните јавни обвинителства, како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса [email protected], нема пристигнати пријави за изборни нерегуларности поврзани со настани од процесот на гласање, соопштија од Јавното обвинителство.
Во текот на ноќта и предизборните денови пристигнати се неколку известувања и во голем дел не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должности и кои се предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик. За останатите известувања јавните обвинители преземаат дејствија во предистражна постапка за да се утврди постоењето на кривичното дело и сторителот.
„Рано утринава е пријавен настан кој се случил во 03:20 часот во ПО Галате каде што дошол претседателот на месната заедница од село Дебреше и пријавил кршење на предизборен молк од страна на две лица од селото. Лицата со автомобил низ селото растурале пропаганден материјал – летоци на една од коалициите, при што биле забележани и физички нападнати од друго лице. Од настанатите повреди едно од лицата кои делеле пропаганден материјал е пренесен во Ургентен центар-Гостивар. Сите инволвирани во моментот се во ПО Галате. Се работи на расчистување и документирање на случајот“,
се наведува во соопштението од ЈО.