Рикер и Хан дојдоа со усогласен став во Скопје дека мора да се осигура иднината на СЈО, дека владиниот предлог-закон за јавно обвинителство е добра основа за тоа и дека никој не може да биде амнестиран поради изминување рокови. И двајцата побараа конструктивност од опозицијата, а Рикер отиде и чекор понатаму порачувајќи дека поминало времето за ВМРО-ДПМНЕ да го одложува одењето на државата напред. Пораката до власта беше дека случајот „Рекет“ мора темелно да се истражи без разлика кого се ќе опфати.

Високиот американски дипломат Филип Рикер остана на својата порака до ВМРО-ДПМНЕ и по средбата со Христијан Мицкоски, иако лидерот на опозициската партија, на прес-конференцијата одржана пред средбата со претставникот на САД, беше уверен дека „искусни луѓе не размислуваат како Зоран Заев“ и дека „сослушувајќи ги двете страни, Рикер ќе донесе вистинска одлука“. По разговорот со Мицкоски, Рикер порача дека останува на изјавата од изутрината. А во неа, за очекувањата од опозицијата во процесот на донесување на законот за јавно обвинителство, Рикер рече:
„Како и во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата е клучна, но опозицијата мора да биде конструктивна, а времето за политички игри и подигрување со перспективите и идеите на граѓаните помина. Мојата порака е јасна, време е да се тргне напред за доброто на земјата. С. Македонија се придвижува во исполнување на децениските цели во делот на евроинтеграции. Ова е решавачки закон (за јавното обвинителство) важен не само за процесот туку и за граѓаните. Помина времето за опозицијата тоа го оддолжува. Се надевам дека опозицијата ќе има конструктивен пристап. САД сакаат да соработуваат со сите политички партии, но за тоа да се случи, како што рекоа претседателот Трамп и секретарот Помпео, мора да видиме сериозни напори. Затоа, законот за СЈО мора да се придвижи, а неговото усвојување сега, значи дека тоа нема да биде прашање наесен кога ЕУ ќе решава за преговори.“
Во истата изјава Рикер се осврна и на конкретното предлог-законско решение за јавното обвинителство што Владата неделава го испрати во Собранието.
„Го видовме предлог-законот, кој е многу добра основа за да се придвижите напред и ве охрабруваме да го завршите процесот навреме“,
изјави Рикер.
Во овие изјави на помошникот државен секретар на САД, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не гледа порака дека опозицијата треба да го прифати тој закон.
„Јас ќе имам можност за неколку часа од сега да му кажам кој игра политички игри во државава и детално ќе го образложам тоа, а господин Рикер, како искусен дипломат, слушајќи ги двете страни ќе донесе вистинска одлука. Господин Рикер во никој случај не рече дека опозицијата треба да се однесува по принципот „земи или остави“. Искусни луѓе не размислуваат како Зоран Заев. Не постои друга поконструктивна улога од оваа. Прашањето е дали Владата е конструктивна“,
рече Мицкоски на прес-конференцијата пред средбата со Рикер.
Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ издадено по состанокот со американскиот дипломат има само една реченица на оваа тема.
„Претседателот Христијан Мицкоски ги објасни деталите и аспектите на предлог-законот за организирање на обвинителството кој го предлага ВМРО-ДПМНЕ и важноста за бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот од секаков тип“,
пишува во соопштението.
Со слични пораки како оние на Рикер во Скопје дојде и замина еврокомесарот Јоханес Хан. Решавањето на судбината на СЈО е „црвената линија“ на Брисел за земјава да ги почне пристапните преговори. Хан имаше и порака дека никој не смее да биде амнестиран поради пропуштени рокови. По средбата со Мицкоски, еврокомесарот се обрати на „Твитер“:
„Го повикав лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да се ангажира активно и конструктивно во усвојувањето на нацрт-законот за СЈО. Преостанатите разлики не изгледаат непремостливи. Сега е потребно одговорно дејствување: Се работи за иднината на земјата и нејзините граѓани“,
напиша Хан на Твитер.

ШТО ВЕЛИ ВЛАДИНИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО
Предлог-Законот за јавно обвинителство, кој Владата веќе го испрати на усвојување во Собранието со европско знаменце и по скратена постапка, има 111 члена. Тој предвидува спојување на СЈО со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, под нов назив: Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција.

Владиното предлог-решение предвидува актуелниот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да продолжи да ја врши својата функција како јавен обвинител на новото обвинителство со назив Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција, до завршување на мандатот за кој е избран. Ова значи дека шефица на новото обвинителство би била Вилма Рускоска, избрана од Советот на обвинители за прв човек на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција во 2018 г.
Според предлог-законот, без согласност од шефот на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција, републичкиот обвинител не може да преземе кривично гонење за постапките на кои тоа обвинителство работи или се во негова надлежност.

ВЛАДИНИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ГО ПРОДОЛЖУВА ЖИВОТОТ НА „БОМБИТЕ“
Според предлогот, сите обвинители од СЈО и од актуелното обвинителство за организиран криминал и корупција ќе преминат во Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до истекот на нивниот мандат. Обвинителите на СЈО имат мандат до 2020 година, а освен нив во новото обвинителство преминуваат и целокупната архива, материјалните средства и опремата што ги користи СЈО. Споеното обвинителство треба да продолжи да гони за кривични дела кои се поврзани или произлегуваат од „бомбите“ за периодот 2008-2015 година. По завршување на мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, членот 68 од предлог-законот предвидува таа да стане обвинител во републичкото обвинителство.

ШТО БАРА ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, барa обвинителите на СЈО да се вратат во матичните обвинителства, да се истражи нивната евентуална инволвираност во аферата „Рекет“, па дури потоа да конкурираат за работа во новото обвинителство. Реагира и на одредбата со која Катица Јанева ќе добие унапредување во републичкото јавно обвинителство. Според Мицкоски, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески треба да ги преземе сите предмети отворени до 30.7.2017 година и да ги распредели на понатамошно постапување во зависност од фазата во која се наоѓаат. Мицкоски не сака сите човечки и материјални ресурси на СЈО да преминат во новото обвинителство, обвинувајќи за непотизам во СЈО.
Премиерот Зоран Заев најави дека викендов ќе го разгледа предлогот на Мицкоски. Судбината на СЈО се смета за последно отворено прашање пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за почеток на пристапни преговори со С. Македонија.
Доколку се договорат партиите, претседателот Талат Џафери кажа дека законот може да се изгласа до почетокот на септември.