Велика Британија може да се соочи со втор, посмртоносен бран на ковид-19 оваа зима, а според најлошото сценарио бројот на починати ќе достигне до 120 000 во текот на девет месеци, сметаат тамошните здравствени експерти.
„Бидејќи новиот коронавирус ќе се шири во зима кога луѓето поминуваат повеќе време заедно во затворен простор, вториот бран на пандемијата може да биде посериозен од првиот бран“,
смета Стивен Холгејт, професор и коавтор на извештајот на Британската академија за медицински науки (АМС).
Сепак, Холгејт потенцира дека ова не е предвидување, туку можност. За да се избегне ризикот тој вели дека мора веднаш да се преземат мерки.
Од Британската академија истакнуваат дека постои „висок степен на неизвесност“ за тоа како ќе се развива епидемијата на ковид-19 во Велика Британија, но „разумно сценарио во најлош случај“ може да биде кога репродуктивниот број (или вредноста Р) ќе се искачи на 1,7 од септември.
Во Велика Британија досега како последица на компликации од коронавирусот, досега починаа 45 000 лица, што е најголем број во Европа. Заедно со сомнителните, но непотврдени случаи, починати се повеќе од 55 000 лица.