Оттаму обвинуваат дека Филипче и здравството одат заедно „само кога се во прашање провизии, сомнителни набавки и трагедии како модуларните болници, а не по инвестиции и грижа за пациентите“

Венко Филипче е последен кој може да зборува за здравството и состојбата во која се наоѓа оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Нивната реакција доаѓа откако лидерот на СДСМ на Фејсбук објави фотографија од соба за која вели дека е во Клиничката болница во Штип, а на која се гледа дека има поплава и распаднат таван.
Според ВМРО-ДПМНЕ, пишувањата на Филипче на социјалните мрежи се врв на политичко лицемерие.
„На Филипче треба да му е јасно дека граѓаните не забораваат дека токму тој со години беше министер за здравство и имаше целосна власт и буџет да ја изгради новата клиничка болница во Штип. Филипче наместо да гради модерен клинички центар за целиот источен регион, остави само карабина, раскинати договори, судски спорови“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму обвинуваат дека Филипче и здравството одат заедно „само кога се во прашање провизии, сомнителни набавки и трагедии како модуларните болници, а не по инвестиции и грижа за пациентите“.
Од владејачката партија велат дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ги расчистува правните и административните лавиринти што Филипче ги оставил и обезбедува средства за конечно довршување на штипската болница.
„На Филипче му преостанува само да прекине со евтини манипулации и слики од проблеми таложени со децении за да собира ситни политички поени“,
се додава во реакцијата.
