Таа ги оцени владините најави за поевтини станови и укинување на комуналиите за млади до 35 години како неостварливи во услови кога младите немаат вработување ниту плата

Македонија е на трето место во Европа според стапката на младинска невработеност, која во вториот квартал од 2026 година изнесува 29 проценти, истакна Маја Борозан од СДСМ на денешната прес-конференција, повикувајќи се на податоци од Евростат.
Според Борозан, овие бројки покажуваат дека речиси секој трет млад човек од работната сила е без работа.
„Еве ја третата економија во Европа на Мицкоски. Бројките се немилосрдни – за младите што немаат работа, за оние што крпат крај со крај, за оние што гледаат во фрижидерот и во џебот и за оние што саката да се иселат од државата“,
рече Борозан.
Таа ги оцени владините најави за поевтини станови и укинување на комуналиите за млади до 35 години како неостварливи во услови кога младите немаат вработување ниту плата. Дополнително, од СДСМ обвинуваат дека Владата одбива да го зголеми студентскиот оброк, а министерката Јаневска, како што рече Борозан, ги навредува студентите поради нивното незадоволство.
На прес-конференцијата Борозан се осврна и на влошениот животен стандард и претстојните поскапувања. Борозан наведе дека од следната недела парното греење поскапува за 7,56 отсто, што е трето поскапување од почетокот на годината, вкупно за близу 20 проценти, додека од 1 јануари е најавено и поскапување на електричната енергија, што ќе донесе дополнителен притисок врз цените на храната и услугите.
Од СДСМ додаваат дека, според одредени проценки, меѓу 80 000 и 100 000 граѓани се заглавени во брзи кредити, а вкупниот е над 200 000, обвинувајќи ги политиките на премиерот Христијан Мицкоски за актуелната економска состојба.
