Утрово е укината забраната за тешки товарни возила на превојот Буково меѓу Ресен и Охрид. За сите возила е отворен и патот од Делчево до граничниот премин со Бугарија

Сите патни правци се проодни, а екипите го расчистуваат снегот со сета расположлива механизација, соопшти ЈП „Македонија пат“. На државните патишта се вози по влажни коловози. Според утринскиот билтен на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) од 7:45 часот, на четири патни правци и натаму важат забрани за движење на тешки товарни возила.
Камионите не смеат да се движат на патот Маврово – Дебар и преку превојот Стража меѓу Гостивар и Кичево, каде што забраните се во сила од вчера во 18 часот. Од синоќа во 22:15 часот забрана има и на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, а од 00:20 часот и на патот Битола – Ресен преку превојот Ѓавато.
На патот Ресен – Охрид преку Буково забраната за камиони е укината утрово во 7:30 часот. Половина час претходно, во 7 часот, сообраќајот е нормализиран и на патот од Делчево до истоимениот граничен премин.
На повисоките места утрово врне снег, а во пониските предели врнежите се послаби. Од „Македонија пат“ апелираат возачите да носат зимска опрема и да ја приспособат брзината на условите на патот. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, информира АМСМ.
