УХМР очекува до 20 сантиметри нов снег на планините во земјава. Во Скопје за недела се најавуваат повремени врнежи од дожд и снег

Слаб снег вечерва провејува на патот Гостивар – Кичево преку Стража, на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, како и на патиштата Маврово – Дебар и Лисец – Попова Шапка, соопшти ЈП „Македонија пат“. Државните патишта се проодни, а коловозите се влажни. На превојот Плетвар маглата ја намали видливоста на околу 100 метри.
Со продорот на студен воздух од север, дожд и снег се очекуваат и во дел од пониските предели. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), на повисоките места се очекува снежна покривка од два до десет сантиметри, а на планините до 20 сантиметри нов снег. Во Скопје утре ќе има повремени врнежи од дожд и снег. Се очекува врнежите во земјава да престанат кон крајот на денот, а од понеделник времето да биде стабилно и студено.
Снег во регионот
Во Србија снежно невреме го забави сообраќајот на автопатот „Милош Велики“. Во повисоките предели кај Ивањица утрово имало околу 15 сантиметри снег, а на делницата Нова Варош – Алиновиќи попладнево имало од пет до десет сантиметри снег на коловозот, според зимската служба на „Патишта на Србија“. Српската електродистрибуција пријави и повремени прекини во снабдувањето со струја во делови од Колубарскиот, Шумадискиот и Мачванскиот округ.
Во Босна и Херцеговина на Бјелашница во 17 часот сè уште врнел снег, а температурата била минус 10 степени, објави Федералниот хидрометеоролошки завод. Во Хрватска, на мерната станица Завижан на Велебит, утрово во 7 часот била измерена снежна покривка од 20 сантиметри.
