Од Секторот за внатрешни работи Куманово за „360 степени“ потврдија дека имало грабеж на златарницата и оти полицијата трага по четирите лица

Четири маскирани лица денеска напладне влегле во златарница на улицата „11 Октомври“ во Куманово, од каде што украле поголема количина златен накит. На видео објавено на фејсбук-страницата на телевизијата Алсат, кое е од безбедносните камери во златарницата, може да се види дека маскираните лица влегуваат во дуќанот со скала, а потоа го одземаат накитот од витрините и шкафовите каде што е сместен. За само неколку минути арамиите излегуваат од дуќанот со торба со накит.
На видеото е наведено дека грабежот е во 13.25 часот. Според неофицијалните информации, грабежот е извршен додека лицето што работело во златарницата било на петочната молитва во блиската џамија.
Од Секторот за внатрешни работи Куманово за „360 степени“ потврдија дека имало грабеж на златарницата и оти полицијата трага по четирите лица.
„На 27.11.2026 во 12:32 часот во СВР Куманово било пријавено дека во златарница на улица ’11 Октомври’ во Куманово, неколку лица влегле и одзеле злато. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот“,
велат од СВР Куманово.
