Осврнувајќи се на информациите на социјалните мрежи за можни инциденти за време на прославите, министерот нагласи дека полицијата е целосно подготвена да одговори на сите предизвици

Министерството за внатрешни работи ќе биде максимално фокусирано на одржување на јавниот ред и мир и ќе ги преземе сите потребни мерки за заштита на граѓаните и безбедноста во сообраќајот, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, честитајќи им го Денот на албанското знаме на припадниците на албанската заедница.
Осврнувајќи се на информациите на социјалните мрежи за можни инциденти за време на прославите, министерот нагласи дека полицијата е целосно подготвена да одговори на сите предизвици. Потсетувајќи на инцидентите што се случуваа за време на претходните одбележувања, тој предупреди дека нема да се толерира загрозување на безбедноста.
„Нема да дозволиме нарушување на јавниот ред и мир, ниту нарушување на сообраќајот и безбедноста на сите учесници. Би ги замолил сите оние што ќе сакаат да си го прослават денот, да го направат тоа во согласност со сите пропишани протоколи во рамките на една нормална, семејна, убава атмосфера со своите најблиски, па и со оние што сметаат дека треба да го прослават“,
истакна Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, Тошковски им посака на граѓаните празникот да го поминат во мирна и семејна атмосфера.
„Сакам прв да им го честитам Денот на албанското знаме на нашите сограѓани. Нека е за убаво, нека е за арно. Би сакал да им порачам да имаат убав и весел ден и да го поминат со своите најблиски и со своите фамилии“,
изјави Тошковски.
