„За професионалците и за оние коишто се столбот на безбедносниот систем во Македонија, во иднина ќе има и зголемување на плати, и нови униформи, и повеќе возила, и подобри услови за работа, и подобри објекти, и нов колективен договор“, рече министерот за внатрешни работи во вечерашното гостување во „Само интервју“ на телевизија Канал 5
Во интервјуто Тошковски најави и дека системот „Безбеден град“ (Safe City) ќе продолжи да се надградува и проширува низ државата, со целосна имплементација до средината на 2027 година, вклучително и инсталирање паметни камери со радари во полициски возила за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци
Полициските службеници до крајот на годината ќе добијат нови, современи униформи, кои треба да бидат претставителни и да ги задоволуваат професионалните стандарди, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5. За новата униформа, додаде дека ќе биде налик на онаа што ја носат австриските полицајци.

Според него, униформата треба да биде достоинствена и да претставува гордост за полициските службеници. Тошковски се осврна и набавката на нови и опремени со модерна технологија полициски возила, а најави и нов колективен договор и зголемување на платите на полициските службеници.
За недостатоците во Министерството за внатрешни работи во делот на опремата на полициските службеници, тој ја обвини претходната влада предводена од СДСМ.
„Јас ќе бев многу среќен да наследевме една убава униформа на полицискиот службеник, современа, модерна, кога ја преземав функцијата, но за жал такво нешто не наследив. И до крајот на оваа година, еве најавувам пак официјално, ќе имаме една убава, модерна, нова униформа којашто ќе ја носат полициските службеници, ќе бидат гордост не само во рамки на она коешто треба да значи една културна, достоинствена униформа, туку ќе биде претставителна — барем така ми велат тие дека она коешто го констатирале со новата униформа навистина ги задоволува сите професионални стандарди, наликува на австриската униформа“,
изјави Тошковски.
Реформи во МВР, боди камери и борба со корупцијата
Во делот за внатрешните состојби, министерот оцени дека МВР мора порационално да ги користи човечките ресурси и да ги зајакне оперативните капацитети, додавајќи дека новата систематизација и Законот за внатрешни работи биле одложени по политичка одлука, по реакции од опозицијата.
„За професионалците и за оние коишто се столбот на безбедносниот систем во Македонија, во иднина ќе има и зголемување на плати, и нови униформи, и повеќе возила, и подобри услови за работа, и подобри објекти, и нов колективен договор“,
кажа министерот.
Тошковски порача дека ќе се бара поголема професионална одговорност и расчистување со корупцијата во полициските редови, додека боди камерите, предвидени на ниво на цела држава до средината на 2027 година, треба да придонесат за поголема транспарентност.
За борбата против корупцијата меѓу поранешни и актуелни функционери, тој наведе дека МВР поднесува кривични пријави, но дека конечниот исход зависи и од Јавното обвинителство и судовите. На крајот, отфрли дека планира оставка по критиките од опозицијата, откривајќи дека поради здравствени проблеми двапати размислувал за повлекување, но решил да остане на функцијата.

Проширување на „Безбеден град“ и паметни камери во полициските возила
Во интервјуто во емисијата „Само интервју“, Тошковски најави дека системот „Безбеден град“ (Safe City) ќе продолжи да се надградува и проширува низ државата, со целосна имплементација до средината на 2027 година, вклучително и инсталирање паметни камери со радари во полициски возила за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци.
Тој истакна дека признанието за „Безбеден град“ во Дубаи не се однесува само на технологијата, туку и на законските измени, функционирањето на системот и намалувањето на сообраќајните несреќи со смртни последици. Според него, во изминатите 35 години во земјава во сообраќајни несреќи просечно годишно гинеле по 150 лица, додека годинава, до денот на изјавата, регистрирани се 85 жртви.
„Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно“,
порача Тошковски.
Министерот најави етапно воведување подвижни радари во полициски возила на урбани сообраќајници и отворени патишта, со опремување на возилата и обука на полицајците, како и систем за непрописно паркирање до крајот на годинава на главните булевари и автобуски траси, но со задолжителна потврда од полициски службеник за да се разликува паркирањето од застанување поради метеж. Од следната недела граѓаните ќе можат да проверуваат регистрирани прекршоци и да плаќаат казни преку мобилна апликација.
Во однос на територијалното ширење, СВР Струмица треба да биде опфатен во првата половина на следниот месец, СВР Штип до крајот на годината или најдоцна до крајот на јануари следната година, а СВР Скопје до крајот на февруари, со фокус на критичните точки. До крајот на годината се очекува да профункционира пунктот за проверка на возила на граничниот премин Блаце, по примерот на Табановце, а во план се и други премини, меѓу кои Богородица. Како долгорочни ориентири, Тошковски ги спомена европските заложби за преполовување на загинатите во сообраќајот до 2030 година и нула жртви до 2050 година.
