„Јазичните права не се партиска сопственост, ниту се политички капитал на кој било поединец или политичка партија. ДУИ нема монопол ниту врз Охридскиот рамковен договор, ниту врз албанскиот јазик, ниту врз правата на Албанците“, пишува министерот за правда во одговорот на отвореното писмо на лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Министерот за правда Јетон Шасивари, преку отворено писмо му одговори на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по неговите критики и предупредувања во врска со моделот за полагање на правосудниот испит на албански јазик.

Шасивари порача дека ова прашање не настанало со неговото доаѓање на функцијата и потсети дека од 2001 година, осум министри за правда од редовите на ДУИ имале можност и институционална одговорност да го решат проблемот, но тоа не го сториле.
Министерот нагласува дека негова обврска не е да собира политички поени, туку да понуди законско, функционално и европски одржливо решение, отфрлајќи ги квалификациите на Ахмети дека предложениот модел претставува деградација или предавство.
„Јазичните права не се партиска сопственост, ниту се политички капитал на кој било поединец или политичка партија. ДУИ нема монопол ниту врз Охридскиот рамковен договор, ниту врз албанскиот јазик, ниту врз правата на Албанците“,
пишува Шасивари во одговорот до Ахмети.
Во однос на улогата на Венецијанската комисија, министерот вели дека ова тело на Советот на Европа не е „параван за институциите“, туку можност правното решение да биде независно и стручно разгледано. Тој додава дека целиот процес е транспарентен, со вклученост на деканите на правните факултети и студентите, а Ахмети на 27 ноември во Собранието ќе има можност лично да им ги пренесе своите забелешки на известителите на Комисијата.
„Предлагаме единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди ќе се надополнуваат, а не да се исклучуваат“,
истакнува Шасивари, додавајќи дека како универзитетски професор со над 25-годишно искуство одблиску ги познава јазичните бариери со кои се соочувале студентите Албанци.
На крајот, министерот за правда порачува дека нема дозволи прашањето за моделот на полагање на правосудниот испит да стане, како што вели, предмет на партиско наддавање.
„Нема да се натпреваруваме кој повеќе придонел за правата на Албанците, ниту кој има поголемо политичко право да зборува во нивно име. Историјата на институционалните одлуки е позната и секој може да ја провери. Правата не се бранат со гласни политички декларации, туку со функционални институции, правно издржани решенија и доследна примена на законите“,
вели Шасивари.
Што претходеше: Острите предупредувања од Ахмети
Реакцијата на министерот за правда следува откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претходно му упати отворено писмо во кое побара целосно спроведување на Законот за употреба на јазиците и овозможување полагање на правосудниот и другите стручни испити на албански јазик.
Ахмети во своето писмо предупреди да не се предлагаат делумни решенија пред Венецијанската комисија, повикувајќи се на информации дека Министерството за правда подготвува модел според кој испитот би се полагал делумно на албански, а делумно на македонски јазик.
„Ваквото решение не претставува чекор напред, не претставува унапредување. Тоа, напротив, претставува чекор назад, деградација на едно стекнато право и доколку се претстави како унапредување на јазичните права, претставува чин на предавство кон Албанците и кон самиот Закон за употреба на јазиците“,
порача Ахмети.

Повикувајќи се на членовите 1, 2, 6, 9 и 23 од Законот за употреба на јазиците, како и на наодите на Инспекторатот за употреба на јазиците кој веќе констатирал повреда на законот од страна на Министерството, Ахмети оцени дека правосудниот испит е проверка на правни знаења, а не тест за познавање на македонскиот јазик.
Лидерот на ДУИ во писмото изрази загриженост за, како што наведе, повеќе од двегодишниот тренд на стеснување на јазичните права и најави дека партијата за ова прашање отворено им се обраќа на меѓународните гаранти – САД, Европската Унија и НАТО, како и на властите во Тирана и во Приштина.
