Во писмото Ахмети наведува дека располагаат со информации оти во Министерството за правда се одржуваат координациски состаноци со цел пред претставниците на Венецијанската комисија како унапредување да се претстави решение според кое правосудниот испит би се полагал делумно на албански, а делумно на македонски јазик

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, упати отворено писмо до министерот за правда Јетон Шасивари, во кое бара целосно спроведување на Законот за употреба на јазиците и овозможување полагање на правосудниот и другите стручни испити на албански јазик. Ахмети во писмото предупредува да не се предлагаат делумни решенија пред Венецијанската комисија.
„Венецијанската комисија не смее да се користи како параван за избегнување на законските обврски на државните институции. На нејзините претставници мора да им биде презентирана целосната правна состојба, конкретните законски одредби и наодите на надлежниот инспекциски орган, а не политичко решение маскирано како институционален напредок“,
пишува лидерот на ДУИ.
Во писмото Ахмети наведува дека располагаат со информации оти во Министерството за правда се одржуваат координациски состаноци со цел пред претставниците на Венецијанската комисија како унапредување да се претстави решение според кое правосудниот испит би се полагал делумно на албански, а делумно на македонски јазик.
„Сакам да бидам сосема јасен: ваквото решение не претставува чекор напред, не претставува унапредување. Тоа, напротив, претставува чекор назад, деградација на едно стекнато право и доколку се претстави како унапредување на јазичните права, претставува чин на предавство кон Албанците и кон самиот Закон за употреба на јазиците“,
порачува Ахмети.
Тој се повикува на членовите 1, 2, 6, 9 и 23 од Законот за употреба на јазиците и на правниот принцип дека посебниот закон има предност пред општите закони, оценувајќи дека правосудниот испит е проверка на правни знаења, а не тест за познавање на македонскиот јазик.
„Албанските студенти кои ги завршиле своите правни студии на албански јазик на акредитирани универзитети во Република Северна Македонија не смеат да бидат ставени во нерамноправна положба во моментот кога го остваруваат своето право на пристап до стручниот испит. Познавањето на македонскиот јазик може да се проверува преку посебни механизми за јазична сертификација, но не може да се користи како пречка за остварување на право загарантирано со закон“,
смета Ахмети.
Ахмети потсетува и дека Инспекторатот за употреба на јазиците веќе констатирал повреда на законот од страна на Министерството за правда по однос на барањата на студентите за полагање на правосудниот и другите испити на албански јазик.
„Овој институционален наод требаше да биде почетна точка за отстранување на повредата, а не повод за обиди да се најде начин таа да се релативизира“,
пишува Ахмети.
Според лидерот на ДУИ, во изминатите повеќе од две години се забележува тренд на стеснување на јазичните права преку слабеење на Инспекторатот и Агенцијата за примена на јазиците, што се одвива паралелно со постапките пред Уставниот суд.
Поради, како што наведува, загриженоста за повреда на колективните права што произлегуваат од Охридскиот мировен договор, Ахмети најавува дека ДУИ отворено им се обраќа и на меѓународните гаранти – САД, Европската Унија и НАТО, како и на властите во Тирана и во Приштина.
„Ве повикувам, Министерството за правда, наместо да бара начини за ограничување на едно законско право, да ја преземе одговорноста за негово целосно спроведување, овозможувајќи полагање на правосудниот испит и на албански јазик, како што определува законот“,
пишува Ахмети во писмото до министерот Шасивари.
Тој бара од Владата целосна и доследна примена на Законот за употреба на јазиците во сите институции, нагласувајќи дека тоа не зависи од волјата на еден министер или парламентарно мнозинство. Според Ахмети, секое решение во Законот за правосудниот испит што е во спротивност со овој закон само ја продлабочува правната несигурност.
„Не бараме привилегии, ниту нови права, туку спроведување на законот и почитување на правата што веќе се загарантирани. Јазичните права не се сопственост на ниту една партија и не можат да бидат предмет на пазарење“,
порачува Ахмети.
