За вклучување на ТЕЦ „Неготино“ во зимскиот период се потребни 345 илјади тони мазут, а Мицкоски вели дека со ненабавувањето кога цената на нафтата била 115 долари за барел, биле заштедени 13 милиони евра
Се трудиме да ги убедиме државните компании да не бараат зголемување на цената на електричната енергија во нивниот дел, но не можеме да влијаеме на приватните компании, рече вечерва во гостување на ТВ Телма премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има поскапување на цената на струјата.

„Она што е државен дел не очекувам да поскапи, очекувам да биде горе-долу иста цена. Но, во цената на струјата има и приватна компанија која доставува извештаи до Регулаторната комисија за енергетика. Тоа е нивна одлука, дали ќе бараат и дали тоа ќе им биде прифатено. Се трудиме да го заштитиме стандардот на граѓаните и да нема поскапувања“,
рече тој.
Според него, Владата ќе направат сѐ државните АД ЕСМ и МЕПСО да не ја зголемат цената на нивниот дел од електричната енергија, за да нема зголемување на цената за крајните потрошувачи од 1 јануари идната година.
Сепак, додаде дека дека можат да влијаат на барањата на „ЕВН Македонија“ бидејќи е приватна компанија.
Од Регулаторната комисија за енергетика, како што кажа, ќе зависи дали ќе ги прифати нивните барања и дали ќе ги оправда сите трошоци што ќе ги прикажат.
Посочи дека се неопходни 345 илјади тони мазут за вклучување на ТЕЦ „Неготино“ во енергетскиот систем на земјава за задоволување на потребите на потрошувачите на регулираниот пазар со електрична енергија во зимскиот период.
„Со тоа што не се купи мазутот кога беше висока цената на нафтата на светските берзи, се заштедија значителни средства“,
рече премиерот.
Мицкоски додаде дека се заштедиле 13 милиони евра со тоа што не се купил мазутот кога нафтата била 115 долари за барел.
