Иако порача дека интеграцијата на регионот е инвестиција во мирот и безбедноста, Герапетритис нагласи дека вистинскиот пат напред не е намалување на стандардите, туку нивно одржување на високо ниво, притоа издвојувајќи ги добрососедските односи и почитувањето на меѓународното право како темелни принципи
За шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, јавната оценка од Атина е потврда за тоа што Владата го говори во изминатиот период. Во изјава за МИА по состанокот, тој посочи дека земјите од групата „Пријатели на Западен Балкан“ се принципиелни поддржувачи на проширувањето и оцени дека тие се со јасен став за македонските позиции
Дигиталната трансформација, усогласувањето со надворешната политика на ЕУ и реформите во јавната администрација ѝ донесоа јавни пофалби на Северна Македонија од шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на денешниот министерски состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина. Покрај охрабрувањето за задржување на динамиката во проширувањето, Атина потсети и на основните предуслови за стабилност во регионот – добрососедските односи, почитувањето на меѓународното право и одржувањето на високи стандарди.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, го оцени состанокот, на кој беше еден од учесниците како потврда за ставот на оваа група земји-членки дека „на билатерализацијата треба да ѝ се стави крај“. Тој на маргините на настанот имал и билатерална средба со шефот на грчката дипломатија на која разговарале за конкретни прашања – од проектите на Коридорот 10 до проблемот со македонските транспортери во Шенген-зоната.
Што порача Герапетритис: Напредок без спуштање на стандардите
На состанокот во Атина, кој се одржува во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан на 25 ноември, грчкиот министер Герапетритис оцени дека проширувањето на Унијата мора да продолжи со суштински напредок, особено во актуелните нестабилни меѓународни околности.
Во освртот кон земјите од регионот, тој упати честитки до Муцунски за реформите што земјава ги исполнила во одредени области.
„Северна Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во аспектите на реформата на јавната администрација“,
изјави Герапетритис.
Покрај напредокот на земјава, тој ги нотира и резултатите на останатите држави од регионот. Црна Гора ја оцени како успешен пример на европската политика на проширување, за Албанија рече дека за една година отворила неколку преговарачки поглавја и веќе затворила четири, додека за Србија, кажа дека усвоила реформски мерки во делот на валдеењето на правото, борбата против корупцијата и изборната рамка. За Босна и Херцеговина и Косово, шефот на грчката дипломатија кажа дека презеле чекори во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Иако порача дека интеграцијата на регионот е инвестиција во мирот и безбедноста, Герапетритис нагласи дека „вистинскиот пат напред не е намалување на стандардите, туку нивно одржување на високо ниво“, притоа издвојувајќи ги добрососедските односи и почитувањето на меѓународното право како темелни принципи. Тој најави дека Грција ќе ги засили напорите за поддршка на регионот, особено во пресрет на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година.
Муцунски: „Пријателите“ бараат крај на билатерализацијата
За шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски јавната оценка од Атина е потврда за тоа што Владата го говори во изминатиот период. Во изјава за МИА по состанокот, тој посочи дека земјите од групата „Пријатели на Западен Балкан“ се принципиелни поддржувачи на проширувањето и имаат јасен став за македонските позиции.
„Немам никаков сомнеж дека оваа група на земји-членки има апсолутно јасен став дека на билатерализацијата треба да ѝ се стави крај. Јас немам сомнеж дека ова е група на земји кои имаат разбирање за нашите позиции“,
изјави Муцунски.

Според него, покрај општиот принцип на заслуги (мерит-систем), клучната порака што регионот ја добива деновиве се става на две области – основните прашања и усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
„Една многу значајна порака што регионот ја доби деновиве, е дека, иако меритот е значаен, иако меритот по сите аспекти е значаен, најзначајни се две области. Прва е делот поврзан со основните прашања, тука мислиме на владеење на правото, доброто владеење, борбата против корупцијата, тука се става посебен фокус, а еднакво значаен е делот на усогласеноста на надворешната политика, односно на нашата усогласеност со ЗНБП, со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и тие се две области на коишто се става максимален фокус и за коишто нема да се дозволи ниту милиметар отстапување и во фазата на преговори“,
вели Муцунски во изјавата за државната новинска агенција.
Билатерална средба: Коридорот 10, предизвиците и проблемот со транспортерите
На маргините на состанокот, Муцунски одржа одделни билатерални средби со колегите од Унгарија и од Грција. На средбата со Герапетритис, освен за проектите од заеднички интерес – инфраструктурното и енергетското поврзување долж Коридорот 10, економската соработка, културата и туризмот – било разговарано и за отворените предизвици во односите.
„Нормално е кога имате билатерални средби да зборувате за тоа што е позитивно и за предизвици коишто ги има во билатералните односи и да, зборувавме за тие предизвици, како да наоѓаме решенија за нив во добра верба, имајќи предвид дека има многу повеќе што може да нè обедини, отколку она што може да нè подели“,
посочи Муцунски.
Како конкретно прашање за кое се бара практично решение, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија посочуваат дека на средбата бил отворен и актуелниот проблем со кој се соочуваат македонските професионални возачи и транспортери при влезот и престојот во Шенген-зоната. Двајцата министри ја потврдиле и определбата односите меѓу Скопје и Атина да продолжат да се градат врз основа на меѓународното јавно право, добрососедството и сојузништвото во НАТО.
