Кај 50-годишниот затворски полицаец Р. С. од Струмица биле пронајдени три пакувања со кокаин, а по извршените претреси во неговиот дом и во неговите службени простории во затворот биле пронајдени повеќе пакувања со кокаин, пакување со марихуана и дигитална вага
Полицаец вработен во затворот во Струмица е приведен откако во близина на казнено-поправната установа бил фатен во обид за продажба на кокаин на друго лице. Кај 50-годишниот затворски полицаец Р. С. од Струмица биле пронајдени три пакувања со кокаин, а по извршените претреси во неговиот дом и во неговите службени простории во затворот биле пронајдени повеќе пакувања со кокаин, пакување со марихуана и дигитална вага.

„Од извршениот претрес во службениот ормар кој го користел пријавениот пронајдени се и куршуми за пиштол чија количина била поголема од онаа која ја имал задолжено како затворски полицаец. Воедно, при претресот бил пронајден и паричник, кој потекнува од кражба пријавена на 21.11.2026 година“,
соопштија од МВР.
Тој е приведен во саботата од страна на полициски службеници од СВР Струмица, против него е поднесена и кривична пријава до струмичкото обвинителство поради сомнение за три кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи и кражба.
Од МВР информираат дека по поднесената кривична пријава, струмичанецот бил изведен пред надлежен судија, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена.
