Министрите изразиле задоволство од развојот на односите и соработката меѓу двете земји, како билатерално така и во регионалните и мултилатералните формати, и ја потврдиле заедничката заложба за нивно натамошно продлабочување
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новата шефица на унгарската дипломатија Анита Орбан на маргините на министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина. Ова е нивна прва средба од назначувањето на Анита Орбан на министерската функција.

„Изразивме задоволство од континуираниот развој на односите и одличната соработка меѓу двете земји, како билатерално така и во регионалните и мултилатералните формати, и ја потврдивме заедничката заложба за нивно натамошно продлабочување во областите од заемен интерес“,
соопшти Муцунски на Фејсбук.
Посебен акцент во разговорите, Муцунски и Орбан ставиле на европската перспектива на Западен Балкан и на потребата од континуитет и кредибилитет на процесот на проширување на Европската Унија, како важен поттик за реформите, развојот и стабилноста на регионот. Шефот на македонската дипломатија во оваа смисла ја поздравил силната и континуирана поддршка на Унгарија за европската интеграција на Западниот Балкан.
Размениле мислења и за актуелните регионални и безбедносни предизвици, при што ја нагласиле заедничката определба за зачувување на мирот, стабилноста и натамошно унапредување на регионалната соработка.
