Синдикатите, исто така, за денеска планираат масовни демонстрации во Брисел. Се очекуваат сериозни нарушувања во јавниот превоз, а можно е да бидат погодени и училиштата, државните институции и службите за собирање отпад

Денеска во Белгија ќе бидат откажани речиси сите летови, откако службата за контрола на летање соопшти дека нејзиниот персонал ќе учествува во национален штрајк против владините мерки за штедење, пишува „Политико“.
„Скајс“, компанијата задолжена за контрола на летање во Белгија, изјави дека нема да може да обезбеди редовни услуги на аеродромите во земјата и во нејзиниот воздушен простор во периодот од 7 часот до 21 часот.
„Предвидениот број на вработени на должност нема да овозможи гарантирање безбедно одвивање на редовниот воздушен сообраќај во текот на овој период. Затоа, ’Скајс‘ е принудена привремено да ги прекине соодветните услуги“,
наведуваат од компанијата.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат да функционираат само неопходните услуги за итни случаи и други летови од критично значење за безбедноста.
Аеродромот Брисел-Шарлероа соопшти дека штрајкот ќе доведе до целосно затворање на сите аеродроми во земјата во текот на целиот ден, што ќе влијае врз илјадници патници.
„Без контрола на летање, ниту еден авион не може да полета или да слета“,
изјавија од аеродромот Брисел-Шарлероа, критикувајќи ја одлуката донесена во последен момент која ќе има катастрофални последици.
Од аеродромот во Брисел соопштија дека повеќето летови за поаѓање и пристигнување ќе мора да бидат откажани.
Белгиските синдикати повикаа на национален ден на протест, како реакција на мерките за штедење и реформите што ги спроведува владејачката коалиција во земјата.
Одборот на претставници на авиокомпаниите во Белгија, кој застапува околу 25 авиопревозници, наведе дека ова ќе биде 11-ти штрајк што влијае врз белгискиот воздушен простор во изминатите 11 месеци.
Синдикатите, исто така, за денеска планираат масовни демонстрации во Брисел. Се очекуваат сериозни нарушувања во јавниот превоз, а можно е да бидат погодени и училиштата, државните институции и службите за собирање отпад. Белгискиот премиер Барт де Вевер води долготрајни преговори со своите коалициски партнери за буџет со мерки за штедење, кој во текот на следните неколку години би овозможил заштеда од 10 милијарди евра, со цел да се намали високиот дефицит на земјата.
Претходно месецов, Де Вевер понуди оставка откако неговата коалиција не успеа да постигне договор. Сепак, белгискиот крал Филип ја одби оставката и му даде на премиерот дополнително време за изнаоѓање решение.
