„Мораме да започнеме општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законските измени за поефикасна заштита од семејно насилство. Вистинските решенија се решаваат со дијалог и на маса“, рече премиерот
Навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените, кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од Министерството за внатрешни работи (МВР), туку и од оние превентивни превентивни механизми, кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степени, но и со соодветен одговор од обвинителските и судските инстанци. Ова денеска го рече премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 35. годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата, говорејќи за младите што изминатите денови протестираа против насилството врз жените.

Упати порака до младите што протестираа дека во него можат да гледаат соговорник и соработник во борбата против насилството против жените.
„Го следев последниот протест на младите организиран против насилството врз жените пред Владата. Ја разбирам и прифаќам нивната бунтовност, нивните ставови и пораки. На тие млади што протестираа, сакам да им порачам дека во мене можете да гледате соговорник и соработник во борбата да се спротивставиме на насилството, за кое мораме да бидеме реални и објективно да кажеме дека не почна пред две години или започна со оваа Влада и дека најмалку во тие случаи треба да има политика или партиска припадност, па колку и да и сакаат одредени кругови од опозицијата да најдат свој интерес за политиканство и игра со човечки судбини, па дури и на овие теми“,
рече премиерот во говорот од конференцијата на Унијата на млади сили на партијата.
Според него, како општество мораме да погледнеме подлабоко на проблемите и да кажеме дека таквите случаи на декаденција се случуваат со децении и се последица на разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејните вредности, но и поради ниското ниво на општествена, па и политичка култура.
„Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, за сеење омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање кал. Како пример се дава кога се сака да се вметне недоверба и кога сето тоа се прави од личности кои се компромитирани, девалвирани со афери, неми послушници на нивните газди кои преку нив самите делуваат не затоа што ја сакаат татковина, туку затоа што така се бранат себеси и своите милиони“,
додаде премиерот.
Повика на општествена дебата за овие прашања, а младите ги покани да се вклучат во разговорите за предложените законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство.
Според него, решенијата треба да се бараат преку дијалог, а случаите на насилство да не бидат предмет на партиски препукување.
„Мораме да започнеме општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законските измени за поефикасна заштита од семејно насилство. Вистинските решенија се решаваат со дијалог и на маса“,
додаде тој.
„Мал престап жени убива, брат“, „Кој ви даде право да нè убивате“ беа дел од пораките кои ги упатија учесничките на протестот што пред два дена се одржа пред Владата, а беше насочен против фемицидите, родово базираното насилство и институционалните пропусти во заштитата на жените.
Ова следуваше по случајот со 26-годишната охриѓанка, која минатиот викенд беше претепана од својот 31-годишен партнер, против кого е поднесено обвинение за три кривични дела и му е одреден 30-дневен притвор.
