Станува збор за бродот „Спарта II“, кој по нападот се запалил и продолжил да плови неконтролирано. По инцидентот, финските власти вовеле привремени ограничувања во воздушниот и поморскиот сообраќај во областа
Руски товарен брод што пловел кон Калининград, руската енклава на Балтичкото Море, бил погоден во напад со дронови во источниот дел на Финскиот Залив. По нападот, бродот се запалил, а потоа продолжил да плови неконтролирано.
Станува збор за бродот „Спарта II“, кој бил погоден во саботата наутро. Финските одбранбени сили соопштиja дека постои веројатност зад нападот да стои Украина, но Киев се нема огласено во врска со инцидентот.
Според првичните информации, во нападот биле употребени два дрона.
„Војната се прелева во нашето непосредно соседство“,
изјавил финскиот премиер Петери Орпо.
Финската гранична стража засега не регистрирала опасност за останатиот поморски сообраќај. Како што информираат оттаму, спроведена е спасувачка акција за членовите на екипажот и повлекување на оштетениот брод во подрачје на одговорност на Русија, со што би се намалил и ризикот од евентуално загадување на морската средина.

Финската крајбрежна стража соопшти дека за нападот била известена околу девет часот по локално време, а бродот бил лоциран на околу 50 километри западно од островот Суурсаари, во Финскиот Залив. По инцидентот, финските власти вовеле привремени ограничувања во воздушниот и поморскиот сообраќај во областа.
