„Дебатата за оваа чувствителна тема треба да се води со особена одговорност бидејќи партиските пораки ја отежнуваат соработката што им е неопходна на жртвите и го одвлекуваат вниманието од нивната заштита“, се вели во владиното соопштение
Од Владата денеска соопштија дека заштитата на жртвите од насилство мора да биде во центарот на институционалното постапување и јавната дебата, без темата да се користи за партиски препукувања.

Оттаму информираат дека веќе работат на подобрување на постојните решенија, а надлежните институции преземаат мерки во рамките на своите надлежности.
Во процесот, како што посочуваат, важен е и придонесот на стручната јавност и на организациите што секојдневно работат со жртвите.
Според Владата, дебатата за оваа чувствителна тема треба да се води со особена одговорност бидејќи партиските пораки ја отежнуваат соработката што им е неопходна на жртвите и го одвлекуваат вниманието од нивната заштита.
Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади договорија конкретни мерки за побрзо и координирано постапување во случаите на семејно насилство, со цел навремена заштита на жртвите и поефикасно гонење на сторителите.
Мерките се утврдени на работен состанок на јавниот обвинител Ненад Савески со министите за внатрешни работи и социјална политика, демографија и млади, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, одржан денеска во Јавното обвинителство.
Според договорениот протокол, МВР веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Обвинителот ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа, кои ќе треба навремено и усогласено да постапуваат.
Предвидено е итно обезбедување вештачење за утврдување на евентуалните повреди, процена на ризикот и прибирање на потребните докази. Целта е да се овозможи побрзо донесување обвинителска одлука и преземање дејствија за кривично гонење.
Барањата за поефикасна институционална заштита на жртвите од семејно и родово базирано насилство беа во фокусот и на протестот што се одржа пред Владата, во организација на иницијативата „Ниту една повеќе“.
