Медиумите го побарале решението на Извршниот одбор на НБРМ, кој се состои од гувернерот и вицегувернерите. Посочиле дека го бараат без евентуалните класифицирани и чувствителни информации. Ама не го добиле. Ова е потврда на се што СДСМ говори. Вистината се крие од јавноста за да се заташка случајот, да се спасат виновниците кои ја донесоа пералницата на пари на Вучиќ во Македонија, посочи Кузеска

Народната банка го крие решението за тоа како гувернерот Трајко Славески го проценил ризикот за влез на Алта банка во Македонија, обвинуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). На денешната прес-конференција, портпаролката Богданка Кузеска обвини дека вистината се крие од јавноста за да се прикрие случајот.
„Медиумите го побарале решението на Извршниот одбор на НБРМ, кој се состои од гувернерот и вицегувернерите. Посочиле дека го бараат без евентуалните класифицирани и чувствителни информации. Ама не го добиле. Ова е потврда на се што СДСМ говори. Вистината се крие од јавноста за да се заташка случајот, да се спасат виновниците кои ја донесоа пералницата на пари на Вучиќ во Македонија. Гувернерот Славески јавно изјави дека одлуката за Алта банка ја донел во консултација со Мицкоски. Затоа се крие од јавноста. Одговорноста чука на вратата на Славески и Мицкоски“,
посочи Кузеска.
Во Законот за банки, како што рече Кузеска, точно стои кога треба да се одбие барањето за стекнување акции. Таа го повика Обвинителството час поскоро да постапи по кривичната пријава на СДСМ и да отвори истрага за случајот со Алта банка.
„Член 59, став 6, ги издвојува високиот ризик за стабилноста, сигурноста и угледот на банката и основаниот сомнеж во законското потекло на парите, интегритетот или вистинскиот идентитет на лицето и поврзаните лица. Блиските врски, сопственичката или организациската структура може да ја отежнат супервизијата и преземањето корективни мерки. Ова е составен дел и од кривичната пријава којашто СДСМ ја поднесе, а за која поминаа 10 дена и не се постапува. 21 ден откако пукна скандалот нема истрага за Алта банка. 10 дена нема постапка по кривичната пријава на СДСМ. Очигледно им се купува време на Мицкоски и Трајко Славески да го заташкаат случајот, да го сокријат трансакциите, документите, сметките. Во Србија на големо се постапува, истрага, стечај, 400 милиони, блокирани сметки, приведен Мацура. Само во Македонија ништо не се презема“,
додаде Кузеска.
Претходно објавивме дека „360 степени“ од НБРМ го побара решението на Извршниот одбор од 1 септември 2025 година, со кое се овозможува преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка Белград. Од Народната банка добивме негативен одговор.
„Решението на Извршниот одбор на Народната банка бр. 15-27777/10 од 1 септември 2025 година, вклучително и неговото образложение, содржи класифицирани и доверливи информации и податоци, кои согласно Законот за Народната банка и Законот за банките подлежат на обврска за чување во тајност и не се предмет на јавно објавување и споделување. Поради тоа, Народната банка не е во можност да ја достави бараната документација, ниту во делумна форма“,
ни одговорија од НБРМ.
