Најголемиот дел од амандманите – вкупно 161 – се насочени кон општините и предвидува изградба на детски градинки, старски домови, локални патишта, водоводна и канализациска мрежа, катни гаражи, спортски објекти и зелени површини. Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, овие проекти се неопходни бидејќи во предлог-буџетот за 2027 година се кратат средствата за локална инфраструктура, додека проектите финансирани преку унгарскиот кредит сè уште тапкаат во место
Пратеничката група на опозицискиот СДСМ и коалицијата поднесе вкупно 225 амандмани на предлог-буџетот за 2027 година оценувајќи дека владиниот предлог нема развојна компонента и дека со сооднос од 91 отсто тековни расходи наспроти само девет отсто капитални инвестиции, државата одново ќе се соочи со повеќекратни ребаланси и ново задолжување.

Ова денеска на прес-конференција го кажа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, истакнувајќи дека со поднесените интервенции опозицијата бара зголемување на минималната плата на 600 евра, паралелно со обезбедување пари за раст на платите на вработените кај буџетските корисници.
Повеќе пари за студентите
Значаен дел од амандманите се однесува на образованието и поддршката на младите. Од СДСМ предлагаат субвенционираниот студентски оброк да се зголеми за 2 500 денари месечно, а студентските стипендии да пораснат од 6 050 на 8.000 денари. Дополнително, се бараат средства за регионалните центри за стручно образование, за справување со врсничкото насилство, како и за тековно одржување на основните и средните училишта.
„И секако за тековното одржување на основните и средните училишта, заради тоа што се покажува дека имаме сериозен недостаток на средства коишто се однесуваат на блок-дотациите. Впрочем, она што се случуваше изминатиот период, исклучување на струјата на факултетите, на Ректоратот, на некои од училиштата, не смееме како држава да го дозволиме“,
рече Спасовски.
Електронски нараквици за насилници и апликација за родителска контрола
Во делот на безбедноста и социјалната заштита, како што кажа тој, опозициската партија предлага буџетски средства за Министерството за внатрешни работи (МВР) со цел воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство, како и дигитална апликација за проверка на возраста и родителска контрола врз пристапот на децата до социјалните мрежи.
Пакет-амандманите што ќе ги поднесе СДСМ, дел се однесуваат на секторот здравство, каде се бара набавка на мамографски апарати за рано откривање малигни заболувања, додека во делот за културата од опозициската партија инсистираат на реконструкција на безистенот и објектот „Парк“ во Битола, целосна реконструкција на театарот во Куманово, поддршка за Агенцијата за филм и повисоки примања за вработените во културата.
Во однос на правосудството, Спасовски рече дека бараат подобрување на материјалниот статус на вработените во судството и целосно опремување на истражните центри при јавните обвинителства, а посочи дека пратеничката група чиј координатор ќе се заложи и за поголеми издвојувања од буџетот во делот на економијата, социјалната заштита и научно-истражувачката дјеност.
Критики за проектите од унгарскиот кредит
Најголемиот дел од амандамните — вкупно 161 — се насочен кон општините и предвидува изградба на детски градинки, старечки домови, локални патишта, водоводна и канализациска мрежа, катни гаражи, спортски објекти и зелени површини.
Според Спасовски, ваквите проекти се неопходни бидејќи во Предлог-буџетот за 2027 година се кратат средствата за локална инфраструктура, додека проектите финансирани преку унгарскиот кредит сè уште тапкаат в место.
„Во Предлог-буџетот за 2027 година имаме сериозно намалување на средствата за ваква инфраструктура, имајќи предвид дека досегашните проекти, коишто беа таканаречени проекти од унгарскиот кредит и сè уште не се реализирани или е реализиран мал дел, а финансиските средства се исплаќаат веќе на неколку годишни ануитети“,
посочи тој.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ ги повика пратениците од парламентарното мнозинство да ја прекинат, како што рече, практиката на одбивање на речиси сите опозициски амандмани и да ги прифатат предлозите што се во интерес на граѓаните. Според него, владата ја прикажува економската состојба „розово“ и далеку од реалноста, поради што, како и во тековната 2026 година, буџетот за 2027 година ќе мора да претрпи неколку ребаланси.
