По состанокот Коалицијата на волните, на кој се разговарало за глобалните предизвици и безбедносната состојба во светот, премиерот Христијан Мицкоски во видеообраќање на Фејсбук порача дека светот се соочува со многу глобални предизвици, но рече дека е добро што Македонија е на масата со останатите држави и учествува во нивно решавање
Ова ќе биде тешка зима насекаде во Европа, а тешка зима и за Македонија – порача премиерот Христијан Мицкоски од Берлин, по завршувањето на состанокот на Коалицијата на волните, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, на кој учествуваше заедно со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

По состанокот, на кој се разговарало за глобалните предизвици и безбедносната состојба во светот, Мицкоски во видеообраќање објавено на Фејсбук порача дека светот се соочува со многу глобални предизвици, но рече дека е добро што Македонија е на масата со останатите држави и учествува во нивно решавање.
„Ова ќе биде тешка зима насекаде во Европа, тешка зима и за Македонија. Но, она што е важно е дека работиме на тоа граѓаните оваа зима да ја поминат како што ги поминуваат сите зими во нормални услови, без разлика на предизвиците во светот. Иако, би рекол дека денес во светот се води тивка, Трета светска војна, сепак успеваме да најдеме начин, да креираме стратегија со којашто ќе го олесниме стандардот на македонските граѓани“,
порача Мицкоски во видеообраќањето.
Премиерот информира дека на самитот биле присутни и двајцата американски претставници и преговарачи за Украина, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, а телефонски се вклучил и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој ги брифирал за неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин и со кинескиот претседател Си Ѓинпинг.
Мицкоски претходно информира дека на состанокот на Коалицијата на волните заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја потврдиле поддршката на Македонија за напорите за постигнување праведен и траен мир во Украина, преку дијалог, дипломатија и координација со сојузниците.
