По денешниот состанок во Министерството за земјоделство, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски во интервју за „360 степени“ вели дека бил презентиран предлог акциски план кој треба да се најде пред Владата за надлежните институции конечно да почнат да постапуваат
На средбата присуствувале министерот за земјоделство, директорите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и на Агенцијата за управување со одземен имот, како и претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР), а планот предвидува координирана акција меѓу државните и локалните институции
360°: Господин Митовски, денеска имавте состанок во Министерството за земјоделство, па кажете ни дали централната и локалната власт конечно најдоа заедничко решение за проблемот со кравите што со години ја мачи Крива Паланка и околината?
Митовски: За жал, сè уште не сме дојдени до конечното и трајното решение на проблемот и за мене истото ќе важи сè до оној момент додека немаме конкретно постапување на терен и трајно решение на самиот проблем. Денеска одржавме работен состанок, на којшто работен состанок беше присутен министерот за земјоделство, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, претставници од Министерството за внатрешни работи. Темата на состанокот беше презентација на изработен драфт-верзија на акциски план, на којшто сите вклучени и засегнати страни бевме информирани и по однос на истиот имавме можност да дадеме наши сугестии и забелешки. Истиот тој акциски план, како што бевме информирани од страна на министерот за земјоделство, ќе оди како информација на веќе следната седница на Владата на Република Македонија, за да отпосле, ако веќе е како финален документ и задолжение, заклучок на самата седница на Влада, да можеме сите институции коишто сме повикани во самиот проблем и да постапуваме.
360°: Што предвидува овој план, ако можете накратко да ни кажете?
Митовски: Овој план практично предвидува решавање на самиот проблем, согласно она што бевме информирани од Агенцијата за храна и ветеринарство и делегирање на обврските и задолженијата, секој во рамките на своите надлежности.
360°: Кои институции ќе бидат вклучени?
Митовски: Тука, како што кажав, најповиканите институции: пред сè, носител на самата оперативна организација е Агенцијата за храна и ветеринарство, отпосле превземениот, односно заловениот добиток оди во надлежност на Агенцијата за управување со одземен имот. Исто така, тука логистичката поддршка и помош во организацијата ќе биде и на Општина Крива Паланка и јавните претпријатија коишто ни стојат на располагање. Дополнително, нели, во самата оваа координирана акција којашто ќе треба да ја спроведеме и временската рамка којашто ја утврдивме е не повеќе од десетина денови, и вклученоста на Министерството за внатрешни работи.

360°: Верувате дека за не повеќе од десетина дена од донесувањето на овој план ќе може да се реши проблемот?
Митовски: Јас сум убеден дека можеме за десетина денови, доколку има волја и искрена намера од сите институции дека можеме да дојдеме до конечното решение.
360°: Претходно и вие побаравте десетина дена за да реализирате ваш план со којшто кажавте дека ќе биде до крај решен проблемот со кравите. Дали од тој ваш план нешто успеавте да вметнете во сега овој акциски план којшто треба да оди на Влада?
Митовски: Точно така. Јас побарав во еден даден момент и да ми ги доделат сите законски надлежности и овластувања. Тоа беше во моментов во којшто како општина реагиравме неколку пати, а во истиот момент и немавме одговор од надлежните државни институции. Одржавме состанок на општинскиот кризен штаб во којшто побаравме прогласување на 30-дневна кризна состојба, на истото тоа барање немавме добиено одговор, за да отпосле понудам и втора, следна опција, а тоа е јас како прв човек на општината да ги добијам сите потребни законски надлежности, во коишто гарантирам дека во рок од десет денови можеме да дојдеме до решение на самиот овој проблем. Јас пак ќе кажам и апсолутно сум убеден дека доколку и во дадениот момент и со предлогот на Агенцијата за храна и ветеринарство има искрена волја од сите страни, верувам дека можеме за десетина денови да го решиме овој проблем.
360°: Дали имате конкретен буџет во овој план, од каде ќе бидат обезбедени средствата за негова реализација?
Митовски: Тоа беше едно од заклучоците и препораките и сугестиите на општината, бидејќи во истиот не беше предвидена и буџетска и временска рамка. Побаравме, инсистиравме да бидат дел од акцискиот план како информација на Владата. Дополнително побаравме и од страна на општината да ни додели можност преку согласност од Бирото за јавни набавки да склучуваме договори во една ваква околност, во којшто како нова состојба ќе мора да ги предвидиме и во нашите планови за јавни набавки, но и во нашиот општински буџет, за да можеме, нели, и оперативно да ја потпомогнеме акцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство, иако пак ќе нагласам дека општината апсолутно нема законска надлежност да ја превземе улогата на Агенцијата за храна и ветеринарство и да врши заловување на крупен добиток. Надлежноста е исклучиво во Агенцијата за храна и ветеринарство, а отпосле и во Агенцијата за управување со одземен имот, а мојата волја, волјата на општината, подготвеноста да помогнеме во самиот овој процес е апсолутно ставена на располагање на сите државни институции до самиот крај на решение на проблемот.

360°: Само да ја доловиме сликата. Во овој момент имате ли бројка колку има добиток во Кривопаланечко и ако се реализира овој план во десет дена, каде ќе оди целиот тој добиток?
Митовски: Вака, според бројката којашто е констатирана при вонредниот инспекциски надзор и којшто го имам како официјален последен податок до општината, инспекциски надзор извршен од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство кога и практично се носат и решенијата за трајно одземање на добитокот, бројката е некаде околу 480. Но, според информации од локалните жители, според она што можеме да го видиме на терен секојдневно низ нашиот град, мислам дека бројката достигнува некаде околу илјада бројки добиток и притоа…
360°: Илјада грла?
Митовски: Илјада грла и притоа навистина затоа сметаме дека алармот треба да се вклучи и сите надлежни државни институции да се вклучат во решавањето на овој проблем.
360°: Ќе имаат капацитет институциите илјада грла да ги соберат и ги сместат некаде за десет дена?
Митовски: Една од дискусиите којашто се отвори на денешниот тематски состанок беше токму и тоа: што по превземањето, односно прво оперативната акција на терен и начинот на следно нивно постапување и можностите на Агенцијата за управување со одземен имот. И тоа практично беше еден и од заклучоците којшто беше вметнат во самиот акциски план: да има можност Агенцијата за управување со одземен имот истите тие да ги даде на отстапување на здруженијата коишто имаат таква потреба и капацитет за одгледување.
360°: Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Јовица Андовски, изјави дека се подготвува ваков оперативен план во повеќе точки со конкретни рокови, но и дека на минатонеделниот состанок ви било укажано оти дел од обврските се директна надлежност на самата општина. Може да ни кажете кои обврски се директна ваша надлежност, а коишто досега не сте ги извршиле?
Митовски: Видете, законите се многу јасни и децидни и апсолутно немаше потреба сето ова да оди во сосема друг и поинаков правец. Едноставно она што го баравме како општина, јас како прв човек на општината, е секој во рамките на своите законски надлежности да си ја извршува својата работа. Надлежностите и обврските на општината се многу јасни и децидни, тие се во областа на законите од локалната самоуправа, односно во Законот за јавна чистота, каде што е предвидена прекршочна казна, мерка во висина од 40 евра, и практично тоа и не е решение на самиот проблем. Не може комунален проблем да се третира во ваков обем и сериозност додека станува збор за неодговорно сопствеништво и одгледување. Значи тука проблемот е со многу посериозен обем, на којшто нормално треба да се повикаат на одговорност самите државни институции и да го решат проблемот којшто е во нивна директна законска надлежност.
360°: А дали сега ќе има потреба, за да се реализира овој план за којшто разговаравте денеска, од пренесување надлежности од централна на локална власт, како што повикавте првиот пат вие?
Митовски: Јас го повикав сето тоа и го побарав бидејќи сметав дека предолго време се игнорира самиот проблем и гледам дека на сите барања на коишто општината јавно повикуваше, па и преку официјални писмени дописи, никој не реагираше.
360°: Ама сега штом сте вклучени повеќе институции…
Митовски: Јас чувствував потреба да си ги заштитам граѓаните, тоа им го ветив и нормално дека се понудив во даден момент дека доколку Агенцијата за храна или државните други останати институции немаат доволен капацитет и волја, дека ние како општина можеме да ја превземеме улогата, но само под услов да ни ги доделат сите законски овластувања за да можеме да постапуваме и нормално да немаме ново импровизирано решение, туку напротив, трајно решение.

360°: Веќе поднесовте вие и група оштетени граѓани кривични пријави против службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот. Зошто и што со овие кривични пријави?
Митовски: Точно така, поднесовме неколку кривични пријави коишто се од областа и елементи на: како загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните, злоупотребата на службената позиција, а вклучително и непостапувањето по самите правосилни извршни решенија коишто Агенцијата за храна и ветеринарство ги има донесено дури во 2024 година. Истите предвидуваат трајно одземање на добитокот, а за жал со истите не е постапено во целост. Јас им ветив на моите сограѓани дека ќе ги искористиме сите механизми, вклучително и правни механизми, за да еве во оваа состојба им помогнеме на граѓаните на Крива Паланка, но од друга страна и да го разбудиме алармот кај институциите дека ако носат решение, и самата институција има формално право, правно и да постапува по однос на истото решение. За жал, премногу години изгубена, нарушена доверба кај граѓаните во самите институции…
360°: Да, и станавте тема во светските медиуми. За Крива Паланка целиот свет дозна и за нејзиниот проблем. Мораше ли да стигнеме до таму?
Митовски: Жал ми е што стигнавме до сите светски медиуми. Жал ми е од една единствена причина, затоа што премногу труд, енергија и сè она што значи разубавување на нашиот град е вложено во последните неколку години. Јас апсолутно тврдам дека Крива Паланка во државата во моментов е можеби еден позитивен пример како може еден мал град да доживее брза трансформација и важевме за еден, и сè уште важиме за еден од најубавите градови во државата, и жал ми е што, еве, по една ваква тажна приказна деновиве сме актуелни во сите светски медиуми.
360°: И уште да ве прашам, речиси паралелно со вашиот денешен состанок, советниците на ВМРО-ДПМНЕ од Советот на Општина Крива Паланка излегоа со прес-конференција на која кажаа дека ќе поднесат официјално барање за свикување вонредна седница на Советот на Општина Крива Паланка, на која ќе предложат усвојување конкретен акциски план за трајно решавање на проблемот. „Ние подготвивме конкретен план“, велат, мислам дека има шест точки, и повикаа да се обезбеди буџет од два милиони 850 илјади денари од општинските средства, од општинскиот буџет. Има тука рокови за 24 часа што треба да се направи, за 48 часа што треба, за седум дена итн. Велат: „Ние не бараме општината да ги преземе надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство, бараме општината да ги преземе сопствените обврски и активно да учествува во решавање на проблемот“.
Митовски: Има неколку апсурди во нивното барање. Најпрвин, истите тие барања коишто се дел од прес-конференцијата којашто имав можност да ја слушнам додека патував наваму, се дел и содржани во самиот акциски план на Агенцијата за храна и ветеринарство. Вториот апсурд, којшто е според мене многу поголем: како може третата економска сила во државата да бара финансиска помош и поддршка од општината? И третиот апсурд, којшто е на повикување на самиот, со самиот овој акциски план: најпрвин на прес-конференција излезе пратеникот од владејачкото мнозинство, тој побара седница на Совет, нешто коешто му е најмалку работа и од којшто очекував дека токму тој ќе биде гласот на Крива Паланка и на кривопаланчани во Владата и во Парламентот, за да еве денеска и да немаме потреба од вакви прес-конференции, од вакви препукувања, туку да имавме две години искористени во решавањето на проблемот. Жал ми е зошто дојдовме…
360°: Некаде во пресот и тие повикуваат на ова, не требаше да се препукуваме…
Митовски: Жал ми е, жал ми е зошто дојдовме до овој момент, затоа што апсолутно тврдам и јас од ова прашање не гледам политичка борба. Едноставно што барам, и јас ќе бидам најсреќен, кога на граѓаните на Крива Паланка ќе им помогнеме.
360°: Две кратки прашања со кратки одговори да ве замолам. Слободното движење на добитокот трае со години, предизвикани се штети на приватни имоти, земјоделски површини, веројатно и на општински површини, парковски површини итн. Кој ќе ја надомести таа штета и како би одело обесштетувањето кога ќе се реши проблемов?
Митовски: Штетите се огромни и сериозни. Штетите траат години и години и последиците од нив секојдневно ги осеќаат моите сограѓани. И тие се, како што кажав, и разочарани од целиот систем и изгубената верба дека некој и во дадениот момент ќе може и да им помогне. Ние она што го направивме како општина и коешто имаме сериозна намера во следниот период да го спроведеме: отворивме регистар за утврдување на сите штети и преку тој регистар сакаме да ги утврдиме висината на самите штети, да ги евидентираме во еден документ, да ангажираме овластено вешто лице за да ја види и вредноста на самите штети, за да отпосле можеме како носители ние, општината, преку една граѓанска постапка пред надлежните судови и луѓето да добијат и соодветно оштетување, затоа што верувајте дека многу наши семејства егзистираат и живеат токму од земјоделството.
360°: И кажете ми што очекувате од протестот на кој повикавте за во сабота?
Митовски: Она што во најмала рака го очекувам е некој да нè слушне и сметам дека Крива Паланка и кривопаланчани не се граѓани од втор ред, и да испратиме јасна порака дека треба конечно да дојдеме до финалното и трајно решение на проблемот. Премногу години е игнориран како проблем, премногу долги години трае и сметавме дека токму и ова можеби да биде една форма на јавен, мирен, граѓански протест на искажување на незадоволството, со којшто, пак ќе кажам, да го вклучиме алармот во надлежните државни институции, без – ќе нагласам за крај – без изземање на општината, туку општината ќе биде клучната оперативна логистика, но да еднаш засекогаш отпочнеме со решавање на овој проблем и пак ќе кажам за крај дека јас сум апсолутно убеден дека со добра оперативна, логистичка подготвеност овој проблем се решава за помалку од десет дена.
