
Премерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со в.д. помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер изјави дека постапката за ратификување на протоколот за членство на земјава во НАТО очекува да заврши до октомври. Есенва очекува и европските перспективи на земјата да бидат поддржани и признаени што ќе значи одредување датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија за што клучен услов е носење законска рамка за иднината на СЈО.
„Отворени сме и за последниот заеднички исчекор со опозицијата за усвојувањето на закон за јавно обвинителство. Сите навестувања се дека во октомври ќе стигне долгоочекуваната препорака за старт на преговорите. Никој не сака изневерени очекувања, никој не сака да се отвори шанса за недобронамерни влијанија на трети страни во земјава, но и во регионот. Сите го очекуваат признанието за исполнувањето на демократските реформи, за прашањата со соседите. САД се секогаш овде да помогнат да ја зголемиме соработката и да помогнат на нашата желба да бидеме дел од современиот развиен свет“,
вели Заев.
На новинарско прашање за изјавата дадена вчера во Собранието, дека ако Законот не се изгласа во септември, тој ќе треба да помине на понепријател начин, Заев одговори:
„Непосакуван начин – секогаш се мисли кога државата се става во функција да изнаоѓа други начини, а таквите начини никој не ги посакува. Ако до 15 септември не се донесе законот, тогаш завршува мандатот на шефот на Специјалното јавно обвинителство, но останува мандатот на СЈО и тогаш државата ќе биде ставена во функција да изнаоѓа решенија. Не ги знам начините, но знам дека ќе бидат понепријатни, бидејќи ќе треба да седиме на лидерски средби, да доаѓаат експерти. Затоа целта е да бидеме навистина одговорни политичари“
рече Заев.
Вчера премиерот Зоран Заев се сретна со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој порача дека за земјава да добие зелено светло за отпочнување на пристапни преговори „црвените линии“ на Брисел се решавање на судбината на СЈО, како и тоа никој да не биде амнестиран поради пропуштени рокови.