Почна гласањето на десеттите по ред парламентарни избори. Денеска ќе гласаат 706 лица кои се позитивни на ковид-19 или имаат решение за самоизолација, а се пријавиле во општинските изборни комисии.
„Во текот на денешниот ден тие ќе бидат посетени од страна на посебни избирачки одбори на адресите што ги навеле“,
рече Адмир Шабани, портпаролот на ДИК.
Право на глас на овие избори вкупно имаат 1 814 263 гласачи. По денешното, утре ќе се спроведе гласањето за болните и немоќните лица, притворените и осудените. Ќе се гласа во 13 казнено-поправни установи каде што правото на глас ќе го остварат 1 657 лица. Во центрите за внатрешно раселени лица ќе гласаат шестмина гласачи, а во 17 установи за вонсемејна грижа, пак, правото на глас ќе го остварат 357 лица. Најголемата група граѓани кои утре ќе гласаат се болните и немоќните – 8 852 гласачи.
Главниот ден на гласање ќе биде в среда.
„Согласно Изборниот законик и упатството од ДИК, граѓаните своите гласачки ливчиња треба да ги обележат со заокружување на редниот број пред подносителот на листата. Ниту еден друг знак не смее да биде ставен на ливчето зашто ќе биде неважечко“,
нагласи портпаролот на ДИК.
Во текот на изборниот процес, граѓаните ќе може да контактираат со ДИК да дадат коментари, препораки или забелешки на бесплатниот телефонски број 0 800 555 44, а оние со оштетен слух и говор можат да остварат и видеоповик на мобилниот телефонски број 076 488 360. Исто така, за комуникација ДИК ги става на располагање и својата веб-страница, официјалните профили на Фејсбук и Твитер, како и јутјуб-каналот.
За овие избори акредитирани се 2 508 домашни набљудувачи, 96 странски, 56 преведувачи и 56 странски новинари.
Шабани рече дека од ДИК не очекува проблеми во текот на гласањето, но доколку се појават тие се во постојано заседание и ќе работат во насока да ги решат. Што се однесува до пропагандните материјали, тој смета дека имаат доволно време до главниот ден на гласање – среда, да ги отстранат оние што се во близина на гласачките места.