За претседател на новиот состав на Собранието на Србија се предложени двајца кандидати – Александар Чупиќ, од Студентската листа, и Стојан Раденовиќ, од „Обединета Србија“, кој во моментов претседава со конститутивната седница како најстар пратеник
Новиот состав на Собранието на Србија и официјално е конституиран откако беа потврдени мандатите на сите пратеници, кои потоа положија заклетва, пренесува Радио-телевизија Србија (РТС).

Конститутивната седница започна со интонирање на државната химна „Боже правде“.
По потврдувањето на мандатите, претседавачот Стојан Раденовиќ одреди двочасовна пауза за формирање на пратеничките групи и доставување предлог за претседател на парламентот.
Владејачкото мнозинство го предложи Александар Чупиќ, доцент на Сообраќајниот факултет во Белград, додека опозициската група на Српската напредна партија (СНС) го предложи математичарот Стојан Раденовиќ.
Раденовиќ, како најстар пратеник во новиот состав, претседава со седницата до изборот на нов претседател на парламентот.
За време на расправата, Александар Вучиќ, пратеник и претставник на листата „Обединета Србија“ во новиот состав, поголем дел од обраќањето го посвети на теми што не беа поврзани со точката на дневниот ред, наместо на предложениот кандидат за претседател на Собранието.
Пратеници од владејачкото мнозинство го критикуваа Раденовиќ затоа што дозволил дискусија надвор од дневниот ред. Вучиќ, пак, се повикуваше на Деловникот, тврдејќи дека му овозможува да зборува без временско ограничување.
Во обраќањето тој изнесе обвинувања за наводен прогон на членови на СНС по изборите, упатувајќи и низа критики кон Студентската листа.
На предвремените парламентарни избори одржани на 25 октомври, листата „Студентска листа – Студентите победуваат“ освои 140 пратенички мандати, додека листата „Обединета Србија“, предводена од Српската напредна партија (СНС), освои 103 мандати.
По двајца пратеници имаат Сојузот на војвоѓанските Унгарци и Албанската коалиција, а по еден мандат освоија листите „Људски“ на Расим Љајиќ, Партијата за правда и помирување и Партијата за демократска акција на Санџак.
Собранието на Србија брои 250 пратеници.
Со конституирањето на парламентот почнува да тече уставниот рок од 90 дена за избор на нова влада.
