Од Јавното обвинителство наведуваат дека при доставувањето на предлогот за одредување притвор на осомничениот, особено бил земен во предвид фактот што по дознавањето дека е пријавен, осомничениот избегал од полициска станица
Основното јавно обвинителство Битола повело постапка и бара притвор за 24-годишниот жител на градот осомничен за физичко малтретирање на својата партнерка. Станува збор за битолчанецот што викендот избега преку прозорец од полициска станица во Битола и по два дена поминати во бегство вчера самиот им се предаде на органите на прогонот, по што беше приведен.

Како што соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, истрагата го товари за кривичното дело телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Според краткиот опис на случајот, осомничениот на 10 ноември во неговиот дом телесно ја повредил девојката откако по расправија почнал да ја дави и со тупаници и со шлаканици да ја удира по главата и телото.
Од Јавното обвинителство наведуваат дека при доставувањето на предлогот за одредување притвор на осомничениот, особено бил земен во предвид фактот што по дознавањето дека е пријавен, осомничениот избегал од полициска станица.
„Ова, според јавниот обвинител, укажува на неговата решеност да го избегне кривичниот прогон, што претставува ризик за непречено водење на постапката“,
велат од Обвинителството.
Инаку, по вчерашното приведување, инспектори од криминалистичката полиција при СВР Битола беа извршени разговори осомничениот и беа преземени активности во координација со ОЈО Битола.
Доброволното предавање на 24-годишниот К.У., како што информираа вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР), било реализирано во координација меѓу неговиот бранител и битолското Основно јавно обвинителство.
Неговата 21-годишна партнерка на 10 ноември годинава пријавила дека нејзиниот партнер ја давел, ја удирал со тупаници и ѝ се заканувал дека ќе ја убие.
Пред полицијата раскажала дека насилството траело околу една и пол година, но од страв досега не го пријавувала.
По пријавата, осомничениот доброволно дошол во полициската станица заедно со свој родител. Но, кога полицајците им кажале дека ќе биде задржан, избегал преку прозорец.
Мајката на девојката во изјава за дел од медиумите кажа дека имаат и пораки од социјалните мрежи во кои, според неа, осомничениот постојано упатувал закани кон девојката и нејзиното семејство.
Во меѓувреме, девојката е сместена во шелтер-центар по процена на Центарот за социјални работи. На 13 ноември таа се појавила на судското рочиште, но пријавениот не дошол. Поради неуредна достава на поканата, рочиштето е презакажано за 18 ноември.
