Утре ќе има променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд и со повисоки температури што се над просекот за овој период од годината

Сончево време со мала до умерена локална облачност е денешната прогноза на метеоролозите. Во текот на денот ќе дува слаб до умерен, а на некои места во западните делови повремено засилен ветер од западен правец. Утринската температура ќе биде од 5 до 11 Целзиусови степени, а дневната ќе се движи од 13 до 20 степени.
И во Скопје, времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од променлив правец. Температурата ќе се движи од 7 степени наутро до 17 степени во текот на денот.
Според прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе има променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен, а наместа во западните делови повремено силен ветер од југозападен правец. Температурите ќе бидат во постепен пораст и над просекот за овој период од годината и ќе се движат од 15 до 21 степен.
