Според него, она што е важно е да се соберат квалитетни докази во кои ќе биде убеден не само јавниот обвинител, туку и граѓаните, па и оние на кои се однесува одлуката
Говорејќи во однос на одредени предмети, доскорешниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, посочи дека времетраењето на предметите и преземените дејствија зависат од настанот и од кривичната пријава. Посочи пример со пријавите за примање поткуп. Вели дека во однос на таквите пријави ОЈО ГОКК постапува веднаш
Времетраењето од пријавувањето до некоја јавнообвинителска одлука не смее да биде обесхрабрувачки фактор за да не се пријавува некое кривично дело, вели државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Тој по средбата со новоизбраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, и нејзиниот претходник на функцијата, Ислам Абази, повторно упати повик до граѓаните да пријавуваат случаи на корупција во надлежното јавно обвинителство.
Идентичен повик претходно во изјава за медиумите упати и Хаџи Василева.
Денешниот повторен повик на државниот јавен обвинител беше негов одговор на новинарско прашање за долгиот тек на дел од постапките што се водат во обвинителствата.
Времетраењето на постапките и комплексноста на предметот
„Времетраењето на тие постапки од пријавувањето до јавнообвинителска одлука зависи од комплексноста на самиот предмет, односно сите истражни дејствија што се преземаат не секогаш може брзо да бидат преземени или од тоа што е преземено брзо да дојдеме до доказен материјал“,
кажа Савески.
Надоврзувајќи се во одговорот, тој рече дека не постојат временски рамки во кои постапката по одредена кривична пријава би траела брзо и ќе биде потребно подолго време. Според него, она што е важно е да се соберат квалитетни докази во кои ќе биде убеден не само јавниот обвинител, туку и граѓаните, па и оние на кои се однесува одлуката.
Говорејќи во однос на одредени предмети, доскорешниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, посочи дека времетраењето на предметите и преземените дејствија зависат од настанот и од кривичната пријава. Посочи пример со пријавите за примање поткуп. Вели дека во однос на таквите пријави ОЈО ГОКК постапува веднаш.
Абази: По пријави за поткуп сме постапувале истиот ден
„Сме постапувале во истиот ден по таквите предмети доколку ни кажал некој, ни дошол, еве и конкретно со обвинителката имавме такви предмети. Доаѓаат, велат ни бараат поткуп, во истиот ден постапуваме. Меѓутоа, кога има настан, се пријавува за определени дејствија преземени пред една година, пред две години, ние мора да ги провериме тие наводи во пријавата и да ја видиме веродостојноста на таа пријава и на таа изјава на оштетениот. Тука е разликата“,
рече Абази.

За предметот „Пулс“, една година по почетокот на судењето
Во пресрет на едногодишнината од почетокот на судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, државниот јавен обвинител беше прашан за коментар како ја оценува досегашната постапка и каков е неговиот став во однос на критиките што доаѓаат од повеќе страни во однос на обвинителниот акт. Прашањето до Савески беше упатено бидејќи, како што кажа новинарката што го постави, обвинителите кои постапуваат во случајот не даваат изјави.
За односот на обвинители, Савески рече оти претпоставува дека тоа е случај поради сензитивноста на предметот.
„Она што се случува во судница и текот на самата судска постапка е нешто што е под раководство на судот, односно судечкиот совет којшто раководи со тој предмет, така што јас тука доколку би давал своја оценка за текот, би можело да биде оценето дека сакам да извршам влијание врз работата на судот“,
кажа државниот јавен обвинител.
Што се однесува до критиките на обвинителниот акт, Савески смета дека станува збор за наводи коишто не се од процесен аспект и поради тоа не се ниту суштествени ниту битни.
„Сето она што треба и одбраната и јавните обвинители да го користат во текот на постапката, тоа се сите оние процесни можности кои се на располагање од една страна на јавниот обвинител, од друга страна на одбраната. Јас сметам дека кршењето на копјата од двете страни треба да биде во судница, а не овие, како што ги наведувате вие, напади од одбраната да бидат во јавноста. Сето тоа само придонесува да се создава една слика за состојбите во тој предмет којашто сметам дека не е резултат на една објективност во судница. Сметам дека со овој предмет треба сите со должно внимание да се однесуваме сè со цел, како што и претходно имам кажано, најнапред со должно внимание кон семејствата на оштетените и повредените од овој кривично-правен настан, да не создаваме една атмосфера со којашто би предизвикале секундарна виктимизација на оваа категорија на граѓани“,
кажа Савески.
За Алта банка не сме во фаза кога можеме да зборуваме јавно, вели државниот јавен обвинител
За тоа дали се постапува по кривичните пријави за случајот со Алта банка поднесени и од гувернерот Трајко Славески и од опозицискиот СДСМ, државниот јавен обвинител рече дека јавноста ќе биде навремено информирана за сè она што е поврзано со овој случај од кривичноправен аспект кога би дошле до фаза во која би можело да се зборува за тој предмет.
„Сега засега не можеме да зборуваме. Нè ограничува законот“,
рече тој.
По неговата средба со новата шефица на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, и нејзиниот претходник Ислам Абази, неизбежно беше и прашањето за финансиската состојбата на Јавното обвинителство,, а во контекст на предлог-буџетот за 2027 година. Имено, Савески беше прашан за став бидејќи и за догодина за институцијата со која раководи се планирани средства под утврдениот праг од 0,4 проценти. Тој рече дека го чекаат исходот од гласањето за ребалансот на буџетот за оваа година за да се види дали во доволна мера ќе бидат задоволени нивните финансиски потреби како институција.
„Знаете, и претходно секогаш го поврзувам она што е природа на нашата работа, дека е тесно поврзано и со условите во коишто работат јавните обвинители, и тоа исто така е поврзано и со финансиските можности со коишто располага оваа институција. Јас сум имал неколку средби со министерката за финансии зборувајќи за потребите и она што како финансиски план и потреба е за нас предвидено. Каков ќе биде исходот и дали со ребалансот тоа ќе биде во доволна мера задоволено, останува да видиме, нели, тоа во Собрание е нешто што е предмет на работа на пратениците. Така што исходот го чекаме и ние со нетрпение“,
изјави Савески.

Финансиската состојба ќе биде предизвик и за новата шефица на ОЈО ГОКК, Хаџи Василева. Таа вели дека има благо зголемување на буџетот, што го оцени како добар сигнал. Најави квалитетна работа и со ресурсите со кои располагаат, додека во меѓувреме ќе се прават обиди да се обезбедат нови. Според неа, прашањето за буџетот е само еден од аспектите на предизвикот.
„Ние имаме, како што знаете и неколкупати е повторувано и од републичкиот обвинител, голем дефицит и во службата, јавнообвинителската служба – таму е веројатно и најгорливо. Имаме дефицити и во однос на самите јавни обвинители кои недостигаат. Така што ресурсите се тие, наше е во овој период да се обидеме со овие ресурси да направиме најмногу во смисла на ефикасност, а секако останува борбата за повеќе ресурси“,
рече новата шефица на ОЈО ГОКК.
