Естонскиот премиер Кристен Михал изјави дека одлуката за затворање на границата е неопходна за да се намали ризикот од нови инциденти и да се испрати јасна порака дека нападите врз одбранбената индустрија и безбедносните капацитети на земјата се неприфатливи. Тој директно го поврза нападот со континуираната поддршка на Талин за Киев
Естонија ќе ги затвори сите гранични премини со Русија почнувајќи од 1 декември, како одговор на спречен обид за саботажа врз компанија за производство на беспилотни летала, за кој властите во Талин тврдат дека бил нарачан од руската воена разузнавачка служба ГРУ, пренесуваат светските медиуми.

Инцидентот се случил во саботата наутро, кога естонските безбедносни сили привеле осум лица при обид за напад врз „Треод системс“ (Threod Systems) – одбранбена компанија која произведува извидувачки и борбени дронови со долг дострел. Благодарение на брзата реакција на обезбедувањето на фабриката, во нападот нема повредени, ниту е причинета материјална штета, велат естонските власти.
Од естонската служба за внатрешна безбедност (Капо) соопштија дека целта на напаѓачите била да предизвикаат експлозија и да го запалат објектот. Според естонскиот јавен сервис ЕРР, обвинителството веќе побарало мерка притвор за петмина од осомничените.
Порака до Москва и поддршка за Украина
Естонскиот премиер Кристен Михал изјави дека одлуката за затворање на границата е неопходна за да се намали ризикот од нови инциденти и да се испрати јасна порака дека нападите врз одбранбената индустрија и безбедносните капацитети на земјата се неприфатливи. Тој директно го поврза нападот со континуираната поддршка на Талин за Киев.
„Целта на Русија е да нè исплаши, да нè натера да се двоумиме и да ја ослабне нашата поддршка за Украина. Одговорот на Естонија е спротивен – ќе ја зајакнеме нашата безбедност, уште поблиску ќе соработуваме со компаниите и сојузниците, ќе го зголемиме притисокот врз Русија и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“,
порача Михал, пренесе „Гардијан“.
На иста линија е и шефот на естонската дипломатија, Маргус Цахкна, кој предупреди дека непријателските дејствија против Естонија носат последици и дека обидите за заплашување и дестабилизација нема да останат без одговор.
Естонија има три гранични премини со Русија – „Нарва“ на северот и „Коидула“ и „Лухама“ на југот на земјата. Властите засега не прецизираа колку долго ќе трае нивното затворање.
Втор напад врз естонската одбранбена индустрија
Ова е втор ваков инцидент во последните неколку месеци за кој Талин ја обвинува Москва, по подметнатиот пожар во компанијата „Милрем роботикс“ (Milrem Robotics) во август годинава. Естонското разузнавање тогаш оцени дека станува збор за однапред планирана операција на руските специјални служби, како дел од поширока шема на напади врз европски компании за дронови и одбрана поврзани со Украина.
Повеќе европски разузнавачки агенции веќе подолго време предупредуваат на зголемени обиди на Русија преку онлајн платформи за пораки да регрутира граѓани во земјите од ЕУ и НАТО за извршување саботажи. Премиерот Михал истакна дека апсењата во текот на викендот се резултат на претходните предупредувања од безбедносните служби до домашните компании, што се покажало како клучно за спречување на нападот.
Од друга страна, официјална Москва ги отфрла обвинувањата. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, за државната агенција ТАСС изјави дека најавеното затворање на границите се вклопува во, како што рече, „уште еден налет на агресивна и незауздана русофобија“.
