„Прво, Артан Груби, во присуство на Фатмир Бесими, Бујар Османи и Крешник Бектеши, во Владата донесуваат па потпишува одлука државата да ги извади на продажба конфискуваните акции во Стопанска банка – Битола. Второ, во игра влегува сватот на Али Ахмети преку фирмата ‘АС Сењак’, кој купува пакет акции во истата таа Стопанска банка – Битола, а негова поврзана фирма повлекува пет милиони евра кредит директно од централата на Алта банка во Белград“, велат од владејачката Влен

Артан Груби лично ја потпишал одлуката за продажба на државните акции во Стопанска банка – Битола, како заклучок на седница на Влада на која присуствувале Фатмир Бесими, Бујар Османи и Крешник Бектеши. Со вакво обвинување денеска излезе владејачката Влен.
Од партијата објавија документи за кои рекоа дека се записници од 158. седница на Владата одржана на 6 јуни 2023 година и објавена одлука во „Службен весник“ број 123 од 13 јуни 2023 година.
„Еве како функционирала државно-партиската машинерија на Али Ахмети: На 6 јуни 2023 година се одржува 158-та седница на Владата, со која претседава Првиот вицепремиер Артан Груби заедно со Димитар Ковачевски. На масата седи комплетниот политички и економски врв на ДУИ – министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за економија Крешник Бектеши. Под точка 5 од дневниот ред, токму во овој состав, се разгледува Информацијата за продажба на акциите во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот и под заклучок број 6 се носи Одлука за давање согласност за продажба на државните акции во Стопанска банка АД Битола! И погледнете кој се потпишува на оваа одлука – во „Службен весник“ број 123, под Одлуката број 41-3733/8 за продажба на акциите на Стопанска банка АД Битола, стои лично потписот на десната рака на Али Ахмети – Артан Груби!“,
велат од Влен.
Од Влен го повторија тврдењето дека сватот на Али Ахмети преку компанијата „АС Сењак“ зел кредит од пет милиони евра директно од Алта банка – Белград, за потоа да му ги продаде акциите во битолската банка на притворениот српски тајкун Давор Мацура.
„Кога ќе се спојат сите три дела од сложувалката, целата милионска операција на ДУИ излегува на виделина. Прво: Артан Груби, во присуство на Фатмир Бесими, Бујар Османи и Крешник Бектеши, во Владата донесуваат па потпишува одлука државата да ги извади на продажба конфискуваните акции во Стопанска банка – Битола. Второ: Во игра влегува сватот на Али Ахмети преку фирмата ‘АС Сењак’, кој купува пакет акции во истата таа Стопанска банка – Битола, а негова поврзана фирма повлекува пет милиони евра кредит директно од централата на Алта банка во Белград. Трето: И државните акции што ги ослободи со потпис Артан Груби, и приватните акции на сватот на Али Ахмети, завршуваат во рацете на контроверзниот Давор Мацура за преземање на банката!“,
велат од партијата.
Упатија прашања до Али Ахмети, Фатмир Бесими и Бујар Османи.
„Дали уште на 6 јуни 2023 година, кога Артан Груби ја потпишал одлуката за продажба на државните акции во Стопанска банка – Битола, во врвот на ДУИ веќе бил направен планот банката да се подготви за преземање од страна на белградската Алта банка? Дали улогата на Груби, Бесими и Османи во Владата била институционално да ги ослободат државните акции за продажба, додека семејната мрежа на Али Ахмети преку ‘АС Сењак’ ги окрупнува приватните пакети акции и зема милионски кредити од Белград?“,
прашаа од Влен.
Влен смета дека записниците од владините седници се најсилен доказ дека во случајот со Алта банка не станува збор за случајни деловни зделки, туку за координирана операција во која учествувале и највисоките државни функционери на ДУИ и најблиското семејство на Али Ахмети.
Ги повикаа Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање да ја прошират истрагата и да ги сослушаат сите поранешни функционери на ДУИ кои учествувале во носењето и потпишувањето на овие одлуки и побараа кривична одговорност.
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска преку писмено соопштение одговори дека владата на ВМРО-ДПМНЕ и Влен се обидуваат да им ја префрлат одговорноста за продажбата на Стопанска банка АД Битола на белградската Алта банка иако, како што велат, актуелната власт ги потпишала и одобрила овие одлуки.
