„Прашањата за Украина директно нè засегаат и нас. Станува збор за нашата колективна безбедност. Ако Русија ѝ ја наметне својата волја на некоја европска земја преку бруталност, цела Европа станува послаба“, порача францускиот претседател, додавајќи дека на самитот на Европската политичка заедница и на неформалниот состанок на Европскиот совет биле усвоени два важни приоритети во врска со Украина
Оние кои сакаат да ги ограничат средствата за Украина се обидуваат да го принудат Киев да прифати неправеден мир, а таков пристап би ја загрозил безбедноста на цела Европа на долг рок – порача францускиот претседател Емануел Макрон во објава на социјалните мрежи.

Францускиот претседател оцени дека ограничувањето на средствата за Украина, со што ќе ја принудат земјата на неправеден мир, а Европа ќе ја направат ранлива – е рецепт за следната војна.
„Прашањата за Украина директно нè засегаат и нас. Станува збор за нашата колективна безбедност. Ако Русија ѝ ја наметне својата волја на некоја европска земја преку бруталност, цела Европа станува послаба“,
напиша Макрон на социјалните мрежи.
Токму затоа, како што кажа, во фокус на разговорите на деветтиот самит на Европската политичка заедница и на неформалниот состанок на Европскиот совет, кои се одржаа на 12 и 13 ноември во Даблин, била Украина.
„Покажавме обединетост околу два приоритета. Првиот е да ѝ се помогне на Украина да ја преброди зимата. Тоа значи да ја продолжиме нашата финансиска поддршка и да ѝ помогнеме на Украина да го заштити своето население, своите електрани и својата електрична мрежа. Вториот приоритет е да работиме заедно со Украина кон постигнување праведен и траен мир. Европа мора целосно да се вклучи во тоа, бидејќи безбедноста на нашиот континент исто така зависи од тој мир. На Европскиот совет ја потврдивме нашата обединетост по ова прашање“,
соопшти претседателот на Франција.
Макрон рече дека на самитот на Европската политичка заедница, на предлог на Франција, била донесена историска одлука и усвоена декларација за принципите што треба да ја водат европската безбедност. Планот предвидува континуирана поддршка за украинската армија, како и подготовка на мултинационални сили кои, како што вели Макрон, би можеле да бидат распоредени по воспоставувањето прекин на огнот.
„Сега мораме да одиме чекор понатаму и јасно да кажеме – вклучително и пред Русите – што сакаме за периодот по војната. Исто така, мораме прецизно да наведеме што очекуваме од САД во однос на долгорочната безбедност на Европа. Нашата цел е јасна – да обезбедиме праведен и цврст мир за Украина, а потоа, заедно со сите останати, да продолжиме да работиме на зајакнување на заедничката безбедносна рамка за Европа“,
порача претседателот на Франција.
