Скопскиот градоначалник го повика Министерството за внатрешни работи веднаш да ги провери снимките од „Сејф сити“, да ги пронајде сторителите и да испита дали палењето на контејнерите се организирани и политички мотивирани
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека вчеравечер биле запалени повеќе контејнери во скопско Ново Лисиче и на булеварот „Македонско-косовска бригада“, за што побара итна реакција од МВР.

Ѓорѓиевски го повика Министерството за внатрешни работи веднаш да ги провери снимките од „Сејф сити“, да ги пронајде сторителите и да испита дали палењето на контејнерите се организирани и политички мотивирани.
„Во услови кога набавивме 3 300 нови контејнери и го решивме проблемот со сметот, очигледно дека на некој не му одговара чисто Скопје и развојот на градот. Прави штета на градот, овие контејнери се купени со парите на скопјани! Ова е удар врз сите скопјани и врз заедничкиот имот, платен со нивни пари. А ако со ова некој мисли дека мене лично ми прави штета, се лаже!“,
напиша Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Скопскиот градоначалник додаде дека наскоро привршува и поставувањето на 200 камери на територијата на Скопје со цел посилен надзор и откривање на ваквите појави, за кои вели дека нема да има никаква толеранција.
За поставувањето на камерите, тој во октомври годинава кажа дека се чека финално одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци. Со камерите, како што кажа Ѓорѓиевски, ќе бидат опфатени места каде што се создаваат диви депонии, како и локации кои се под постојан удар.
