Обврската ќе трае заклучно со 15 март следната година
Од денеска започнува законската обврска за задолжително поседување зимска опрема за возилата кои учествуваат во јавниот сообраќај, која ќе трае заклучно со 15 март следната година.

За да се избегнат сообраќајни казни и прекршоци, возачите треба да ги усогласат своите возила согласно пропишаните правила од Правилникот за задолжителна опрема на возилата.
„За возила до 3 500 килограми потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 милиметри, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег. За возила со погон на сите тркала (4х4) – зимски гуми со длабочина од најмалку 6 милиметри, или летни гуми со минимум 4 милиметри длабочина и синџири за снег, а за возила над 3 500 килограми – зимски гуми со длабочина од 6 милиметри на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 милиметри, со задолжителни синџири за снег“,
потсетуваат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Автобусите и камионите мора да носат и прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег.
Министерството за внатрешни работи апелира возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување зимска опрема со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.
