Родителите и роднините на загинатите во пожарот во „Пулс“ порачаа дека денеска не чекорат само за нивните 63 ангели, туку и за сите невини жртви од трагедиите од кои Македонија е завиена во црно

Родителите на загинатите во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани денеска маршираа по 51. пат. Како што рекоа, маршираат со истата болка, со истата празнина во срцата и со истите барања – вистина, одговорност и правда, објави Радио Кочани.
Нагласија дека денеска не чекорат само за нивните 63 ангели, туку и за сите невини жртви од трагедиите од кои Македонија е завиена во црно.
Потсетија на бројот на жртви во нив и рекоа: Ласкарци – 16 изгубени животи, модуларна болница во Тетово – 14 згаснати животи, „Беса транс“ – 45 човечки животи, „Пулс“ во Кочани – 63 изгубени животи.
„Различни трагедии, различни семејства, иста болка. И едно прашање што одекнува низ цела Македонија: до кога? До кога ќе се бараат одговори дури откако ќе згаснат човечките животи, до кога предупредувањата ќе останат неслушнати, а опасностите непрепознаени? До кога по секоја трагедија ќе слушаме дека вакво нешто никогаш повеќе не смее да се повтори, а потоа повторно ќе палиме свеќи“,
праша Валентина Христовска, мајка на починатиот дваесетгодишен Павел.
Зборувајќи во името на сите родители, Христовска порача дека не бараат привилегии, ниту посебен третман, туку вистина, правда во судницата и одговорност за секој докажан пропуст.
„Затоа што зад секој пропуст може да стои нечиј живот, а зад секој изгубен живот останува семејство што никогаш повеќе нема да биде исто“,
рече таа.
Своето обраќање од пред полициската станица таа го заврши со барање правда за Кочани, правда за сите невини жртви, барање за одговорност, а не само ветувања.
И денеска „Маршот за ангелите“ тргна од Паркот на револуцијата, продолжи кон трговскиот центар, зградите на Управата за јавни приходи (УЈП), полицијата, Судот и Обвинителството.
