Според сегашниот закон, полицијата бара од судот да го отстрани сторителот од домот, а судската мерка трае од десет до 30 дена. Со предложените измени, ако полицаецот при интервенцијата утврди непосредна опасност, забраната би важела од моментот кога усно ќе ја изрече. За нејзино продолжување и натаму би одлучувал судот

Што се случува со жртвата откако ќе го пријави насилството, додека се чека судот да одлучи дали сторителот мора да го напушти домот? И сега законот овозможува отстранување од домот, вели адвокатката Неда Чаловска во изјава за ТВ Сител. Разликата за жртвата е во тоа што, според предлогот, таа би можела да остане дома, а пријавеното лице веднаш би морало да замине и самото да се снајде каде ќе престојува додека трае забраната.
48 часа
Според важечките членови 49 и 66, полицијата има најмногу 12 часа од интервенцијата да му достави предлог на судот. Судот треба да одлучи веднаш, а најдоцна 24 часа откако ќе го прими предлогот. Ако се искористат двата рока до крај, од интервенцијата до судската одлука може да поминат до 36 часа. Потоа следува и врачување на решението. Ако судот ја изрече мерката, отстранувањето од домот и забраната за приближување до домот траат од десет до 30 дена.
Предложените 48 часа се времетраење на полициската наредба. Според новиот член 57-а, ако полицаецот го затекне пријавеното лице и процени дека постои непосредна опасност за жртвата или за член на нејзиното семејство, веднаш изрекува усна наредба. Кога мерката е отстранување од домот, лицето мора да ги предаде клучевите и да излезе. Ако одбие, полицаецот веднаш го отстранува. Писмената наредба треба да му биде врачена во рок од шест часа.

Судот би одлучувал додека забраната веќе важи. Откако на лицето ќе му биде врачена писмената наредба, МВР има осум часа да побара продолжување на мерката. Судот потоа има десет часа да одлучи дали ќе ја запре или ќе ја продолжи до вкупно 30 дена, сметано од денот на усната наредба. Ако пријавеното лице веќе заминало пред да пристигне полицијата, МВР има шест часа од интервенцијата да побара итна мерка, а судот уште шест часа од приемот на предлогот да одлучи.
Електронски алки
Покрај отстранување од домот, предлогот предвидува и забрана за контакт и забрана за приближување на помалку од 100 метри до местата каде што жртвата живее, работи, учи или секојдневно се движи. Судот би можел да определи почитувањето на забраната да се следи со електронски алки. Предложениот член 73 ја дава таа можност, но не прецизира кој ќе го носи уредот и до кого ќе стигне предупредувањето.
Чаловска за Сител укажува дека електронска нараквица би требало да носи и жртвата, за да може навреме да реагира ако лицето се најде во нејзина близина. Според неа, за примена на мерката треба да се обучат службите и да се утврдат јасни критериуми кога ризикот е доволно сериозен за да се одреди електронско следење. Адвокатката смета дека измените треба да добијат приоритет во Собранието и дека за овие прашања треба да се отвори јавна расправа со стручната јавност.
