На конференцијата учествуваа претставнички од бизнис-секторот, јавните институции, локалната самоуправа и женски организации од Македонија, Србија, Израел, Азербејџан и Грузија
„Нашата мисија е секоја жена, без разлика во кој дел од Македонија живее, да има можност да се поврзе, да го прошири својот круг на пријателства и професионални контакти, да стекнува нови знаења и вештини, да се грижи за своето здравје, да гради финансиска независност“, порачаа од здружението „Јас сум жена“ кое ја организира конференцијата

Да се надминат предизвиците и да се урнат стереотипите. Ова е една од пораките упатена на 5. Глобална женска лидерска конференција „Јас сум жена“ што денеска се одржа во Скопје.
Учесничките порачаа дека жените не треба да се приспособуваат на ограничувањата што ги поставува општеството, туку да добијат можност да го реализираат својот потенцијал во бизнисот, институциите, науката, семејството и јавниот живот.
„Нашата мисија е секоја жена, без разлика во кој дел од Македонија живее, да има можност да се поврзе, да го прошири својот круг на пријателства и професионални контакти, да стекнува нови знаења и вештини, да се грижи за своето здравје, да гради финансиска независност, да ги претвора своите идеи во успешни бизниси и да ги освојува не само домашните, туку и регионалните пазари“,
рече претседателката на здружението „Јас сум жена“, Ана Дуковска, која е организаторка на настанот.

Деспина Петровска од здружението „До бебе по патот на ин витро“ на отворањето на конференцијата порача дека прашањата поврзани со плодноста и репродуктивното здравје не смеат да останат на маргините на јавните политики.
„Плодноста и репродуктивното здравје не се само лична можност или предизвик на поединецот и семејството. Тие се прашања на јавното здравје, човековите права, еднаквите можности, општествената одговорност и нешто што директно влијае врз квалитетот на животот и иднината на едно општество“,
рече таа.
Во рамки на конференцијата се одржаа панел-дискусии посветени на Македонките во нетипични професии, успешните жени во бизнисот, Македонките кои живеат и работат во странство, како и на меѓународната соработка меѓу женските организации.
На панелите учествуваа претставнички од бизнис секторот, јавните институции, локалната самоуправа и женски организации од Македонија, Србија, Израел, Азербејџан и Грузија.
