Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој ги додели наградите на свечената академија, рече дека најголемата обврска на денешните генерации е да ја продолжат борбата за подобра иднина и да изградат град што гордо ќе им биде предаден на идните поколенија

По повод 82 години од ослободувањето на градот, вечерва беше врачена наградата „13 Ноември“ која традиционално се доделува во повеќе категории, како култура, наука, уметност, архитектура.
Годинашни добитници на наградата „13 Ноември“ од областа на публицистиката се Леунора Калиќи за долгогодишна професионална работа во новинарството и публицистиката и Огнен Марина за делото „The Skopje Project“, посветено на истражувањето на обновата на Скопје.
Во областа на образованието и воспитанието наградата му е доделена на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод 60 години од неговото основање.
Добитници на признанието се и Мирко Стефаноски за придонес во развојот на културниот живот во Скопје, Марија Кичевска-Шокаровска за долгогодишен придонес во балетската уметност, како и група автори на учебниците „Превентивна стоматологија“ и „Детска стоматологија“ во областа на здравствената заштита.
Награда за заштита и унапредување на животната средина доби компанијата „Мен енд маунтен“ ДОО Скопје, додека признанието за хуманитарна активност му припадна на Илија Кировски.
Во областа на спортот наградена е пливачката Меланија Ќулавковска, а во категоријата ученици и студенти наградата ја доби Михаела Блажевска за своите образовни достигнувања и за креирањето на платформата „Learn.mk“.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој ги додели наградите на свечената академија, рече дека најголемата обврска на денешните генерации е да ја продолжат борбата за подобра иднина и да изградат град што гордо ќе им биде предаден на идните поколенија.
„Со вашето знаење, творештво, труд и пред сè човечност, вие му давате посебна вредност на нашиот град Скопје. Вашите успеси стануваат дел од нашиот углед и угледот на главниот град. Вашата посветеност ги охрабрува нашите млади да веруваат во себе. Вашиот пример покажува колку многу може да направи човек кога со својата дарба ќе ја посвети на општото добро“,
рече Ѓорѓиевски.
