За да го илустрира начинот на кој функционира системот, министерот даде пример со пријавување кривично дело, при што истите лични податоци за едно лице се внесуваат во повеќе различни книги, зависно од карактерот на настанот
Министерството за внатрешни работи во наредните три до четири месеци се очекува да направи премин од рачно водење полициски евиденции во тефтери кон дигитално внесување и обработка на податоците. Процесот на дигитализација трае повеќе од две години и е во завршна фаза, информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на брифинг со новинарите.

Посочи дека во моментов голем дел од полициските евиденции сè уште се водат рачно и оценувајќи дека ваквиот начин на работа е несоодветен за 2026 година.
„Дали знаете како се запишува и се евидентира кривичноправен настан во Македонија во 2026 година? Со тефтер. Во моментот имаме 36 евиденции, односно книги, а претходно биле 70-ина“,
вели Тошковски.
За да го илустрира начинот на кој функционира системот, министерот даде пример со пријавување кривично дело, при што истите лични податоци за едно лице се внесуваат во повеќе различни книги, зависно од карактерот на настанот.
Преку хипотетичен случај на семејно насилство објасни дека, доколку едно лице пријави дека било нападнато од сопругата со земјоделски алат, полициските службеници треба да ги внесат податоците во посебни евиденции за кривичноправен настан, семејно насилство, телесни повреди и присуство на малолетници. Доколку во случајот се спомене и оружје, се отвора и дополнителна евиденција.
„Тоа е 2026 година, единаесетти месец. Во моментот имаме 36 евиденции, а претходно беа 70-ина“,
рече министерот додавајќи дека со ваквиот начин на работа се запознал пред две години и три месеци.
Вели дека кога дошол на функцијата затекнал систем во кој полициските податоци се чувале во архивски ормани, а доколку биле потребни одредени информации, службениците морале рачно да ги пребаруваат книгите.
„На моето прашање што правите со евиденцијата, ми покажаа плакар во кој се чуваат книгите. Ако треба некои податоци да земат, службениците ги бараат во тие евиденции“,
кажа Тошковски.
Одговарајќи на прашањето што се работело во изминатите две години, министерот рече дека фокусот бил ставен на дигитализацијата на полициските процеси.
Според најавите, со новиот систем полициските службеници ќе можат електронски да ги внесуваат и обработуваат податоците, со што ќе се избегне повеќекратното рачно евидентирање на истите информации.
Според него, во следните три до четири месеци, а можеби и порано, ќе бидат видливи резултатите од процесот, со цел модернизација на работата и зголемување на ефикасноста на МВР до 2027 година.
