По состанокот во Москва, американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер отпатуваа за Ирска, каде што се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека е задоволен од можноста за европско учество во разговорите
Рускиот претседател Владимир Путин се согласи европски претставници да се приклучат на следната рунда мировни преговори за Украина, изјави специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф по средбата што со неговиот колега Џаред Кушнер ја остварија со претседателот на Руската Федерација во Москва.

„Европејците ќе се приклучат на следниот состанок, кој сметаме дека е многу важен. Тие се наши партнери и важно е да бидат вклучени“,
изјави Виткоф по четири и полчасовната средба со Путин во Москва.
За време на разговорите во Кремљ, американскиот претставник Џаред Кушнер му рекол на рускиот претседател оти Вашингтон забележал голема промена кај европската страна и изразил уверување дека проширувањето на мировните преговори со вклучување на Европејците нема да го попречи напредокот.
Путин изјавил дека Москва отсекогаш била отворена за разговори со Европската Унија во врска со Украина.
„Ние никогаш не сме се спротивставувале на дијалог со Европа и никогаш не сме го прекинале тој дијалог. Всушност, тие беа оние што го прекинаа дијалогот со Руската Федерација“,
изјавил рускиот претседател.
Сепак, предупредил дека идејата за испраќање трупи во Украина, по постигнување мировен договор, би довела до повторно разгорување на војната, бидејќи Русија тоа би го доживеала како закана за сопствената безбедност.
По состанокот во Москва, Виткоф и Кушнер отпатуваа за Ирска, каде што се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека е задоволен од можноста за европско учество во разговорите и дека се надева оти агендата ќе вклучува чекори кон прекин на огнот и деескалација на конфликтот.
„Одлучивме дека ќе работиме на агенда за каков било вид деескалација, некаков вид прекин на огнот“,
рече Зеленски по средбата со американските претставници.
