„По вчерашното фијаско кое самите си го приредија, денеска нè известија дека немаат намера да свикаат продолжение. Ние, како пратеничка група од мнозинството, бараме итно и неодложно, утре да биде свикано продолжението на надзорната расправа, за да можеме конечно да ја расветлиме вистината“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја повика претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска, итно да свика продолжение на надзорната расправа за Алта банка, што започна вчера.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека од опозицискиот СДСМ, од чии редови доаѓа пратеничката Лукаревска, добиле известување дека нема да свикаат продолжение на седницата.
„По вчерашното фијаско кое самите си го приредија, денеска нè известија дека немаат намера да свикаат продолжение. Ние, како пратеничка група од мнозинството, бараме итно и неодложно, утре да биде свикано продолжението на надзорната расправа, со цел да продолжи испрашувањето на сведоците, за да можеме конечно да ја расветлиме вистината“,
изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во текот на денот, додаде тој, од страна на една третина од членовите на Комисијата за финансирање и буџет ќе биде доставено и писмено барање до Лукаревска за продолжување на надзорната расправа.
„Сè друго е бегање од вистината, бидејќи вчера беа соочени со истата и сите можевте да видите како заврши. Ако нешто започнеме, треба да го завршиме и ние ќе направиме сè како мнозинство надзорната расправа да заврши и да се усвојат заклучоци, бидејќи тоа им го должиме на граѓаните“,
изјави Стојаноски.
Тој се осврна и на денешната седница за опозициски пратенички прашања, обвинувајќи дека опозицијата во повеќе наврати барала паузи, за јавноста да не ги добие одговорите за Алта банка и за други случувања.
„Самите си бараат пауза, заради тоа што не сакаат да прашуваат, бидејќи не е во нивен интерес да се знае вистината. Имаше неколку пратеници пријавени, а и сите оние за кои тие сметале дека треба да дојдат и да одговорат на нивните прашања, беа во Собранието. Но, по сè изгледа, по тоа што се случи вчера, не сакаат јавноста да ги знае одговорите за Алта банка, но и за сите други случувања“,
рече Стојаноски.
