Брисел знаеше дека измените се привремено решение за да се исполни барањето на Уставниот суд и да се спречи масовна амнестија, вели премиерот
Европската комисија во извештајот посочува дека и по измените останал проблемот со роковите за застарување, а одредбата за злоупотреби при јавните набавки има потесен опфат од оној пред 2023 година

На премиерот Христијан Мицкоски не му е јасно зошто Европската комисија во годишниот извештај за земјава оценила дека со измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година не се надминати во доволна мера штетните последици од измените од 2023 година и дека самите јануарски измени придонеле за правна несигурност. Оценката на ЕК се однесува на одредбите за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување.
Во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, Мицкоски рече дека Владата му објаснила на Брисел зошто морала да интервенира во рокот што го определил Уставниот суд, додека сè уште се подготвувал новиот Кривичен законик.
„И затоа ние најдовме едно решение кое што го комунициравме со нив. Не знам зошто вакви работи ставаат во извештајот кога знаат дека ние тоа го комунициравме и рековме ова е времено решение додека го работиме Кривичниот законик со експертите што се предложени од Брисел и додека тој законик биде готов, го испратиме во Брисел и додека добиеме повратно, ова ќе биде за да можеме да го исполниме она што Уставниот суд го бара од нас, за да не дојде до масовна амнестија и буквално анархија во општеството правно. И јас не знам зошто ставаат вакви работи во извештајот кога тие добро знаат за што станува збор“,
рече Мицкоски.

Образложувајќи кои последици од 2023 година останале и по јануарската интервенција, Комисијата посочува дека повторно е воведена посебна одредба за злоупотреба на службената положба при јавните набавки, но со значително потесен опфат од претходниот. Одредбата опфаќа само два основа, со што, според ЕК, остануваат неопфатени други сериозни манипулации во тендерските постапки. Комисијата забележува и дека јануарските измени не ги решиле соодветно последиците што измените од 2023 година ги имале врз роковите за застарување.
Прашан за пошироката оценка на ЕК дека земјава не постигнала напредок во спречувањето и во борбата против корупцијата, Мицкоски рече дека за извештајот разговарал и со евроамбасадорот Михалис Рокас.
„Извештајот е документ што го прави Европската комисија. Дали е објективен или не е објективен, можеме да дебатираме. Тоа впрочем го разговарав и со амбасадорот Рокас, но тоа е што е. Тој е реален документ ставен на маса и ние сега врз основа на тој документ треба да продолжиме да работиме“,
рече премиерот.
За измените од 2023 година Мицкоски го обвини тогашното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ дека овозможило „некаков тип на политичка амнестија“ за случаи на висока корупција од минатото. Евентуалното заострување на казните со новиот законик, рече тој, ќе важи за идни дела.
На прашањето дали казните ќе се вратат на нивото од пред 2023 година, Мицкоски одговори дека тие ќе бидат во согласност со стандардите што важат во европските земји. Предлозите за нов Кривичен законик и за нов Закон за кривичната постапка, според премиерот, веќе се испратени на мислење во Брисел. Ако мислењето е позитивно, Владата ќе ги достави до Собранието.
