Можноста се однесува на фирмите за кои исплатата на плати преку Алта банка била редовна практика во трите месеци пред донесувањето на одлуката. Притоа, средствата што ќе можат да ги користат од своите платежни сметки за оваа намена може да бидат до пет отсто повисоки од вкупниот износ на платите исплатени во октомври
Народната банка ги олеснува ограничувањата за клиентите на Алта банка АД Битола. Со најновата измена на Решението за администрација на Народната банка, на компаниите што во последните три месеци редовно исплаќале плати преку оваа банка им се овозможува повторно да вршат исплата на плати, како и уплата на даноците и придонесите.
Ова денеска го соопштија од Народната банка, која во моментов има поставено привремена администрација во Алта банка.

Можноста се однесува на фирмите за кои исплатата на плати преку Алта банка била редовна практика во трите месеци пред донесувањето на одлуката. Притоа, средствата што ќе можат да ги користат од своите платежни сметки за оваа намена може да бидат до пет отсто повисоки од вкупниот износ на платите исплатени во октомври.
Од Народната банка информираат дека со ова се овозможува продолжување на редовните исплати и исполнување на обврските кон вработените и државата, со истовремено задржување на контролата врз одливот на средства од банката.
„Измените предвидуваат и физичките лица да можат целосно да располагаат со новите приливи на своите сметки во Алта банка, доколку средствата се префрлени од платежни сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги. За овие приливи нема да има ограничување на износот што граѓаните ќе можат да го користат“,
се вели во соопштението оттаму.
Од Народната банка додаваат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во Алта банка и да ги приспособуваат мерките во согласност со условите за работење на банката и потребите на клиентите.
Како приоритети ги посочува заштитата на интересите на клиентите и постепеното олеснување на ограничувањата, со задржување соодветна контрола врз одливот на средства.
Клиентите на Алта банка АД Битола од 10 ноември можат повторно да ги користат услугите на електронското мобилно банкарство согласно лимитот од 15 000 денари неделно за лицата кои имаат платежни картички, односно до 20 000 денари за две недели за граѓаните кои не поседуваат картички.
