Во соопштението од полицијата од вчера се наведува дека четворицата приведени се осомничени дека, во текот на неколку месеци во 2024 година, им помагале на виетнамски државјани да стигнат до Западна Европа

Унгарија го приведе братот на Виктор Орбан во рамките на истрага за случај на криумчарење луѓе, изјави вчера унгарскиот премиер Петер Маѓар во своето обраќање на настанот „Европски говор“ во германската престолнина.
Коментарите на Маѓар уследија откако унгарското тело за борба против корупцијата и Националната канцеларија за заштита и повраток на имот, соопшти дека таа и полицијата привеле четири лица и извршиле претреси во домови во Будимпешта и во округот Пешта.
„Тројца од поранешните министри на Орбан се веќе во притвор. Денес и неговиот брат заврши во притвор“,
рече Маѓар мислејќи на братот на поранешниот премиер, 49-годишниот бизнисмен Арон Орбан.
Во објава на Фејсбук, Орбан приведувањето на својот брат го нарече го чин на политичка одмазда.
„Во оваа валкана игра, целта е елиминирање на политичкиот противник и воспоставување еднопартиски систем. Јас сум целта, а мојот помлад брат е само средство“,
напиша поранешниот премиер.
Националната канцеларија за заштита и повраток на имот беше формирана за да ги истражи наводите за корупција за време на 16-годишното владеење на Орбан – наводи кои тој ги негира.
Оваа институција беше основана од Маѓар, кој го победи Орбан на изборите во април, и таа е централен дел од кампањата на неговата влада против корупцијата.
Во соопштението од полицијата од вчера се наведува дека четворицата приведени се осомничени дека, во текот на неколку месеци во 2024 година, им помагале на виетнамски државјани да стигнат до Западна Европа.
Приведените – една жена и тројца мажи – се осомничени за криумчарење луѓе, извршено како дел од криминално здружување со цел стекнување финансиска корист, соопшти полицијата.
„Сторителите се осомничени дека им помогнале на повеќе од сто виетнамски државјани да патуваат во Западна Европа преку Унгарија во 2024 година, со цел да остварат финансиска добивка. Истражителите спроведоа претреси на четири локации, при што беа запленети докази и електронски носачи на податоци. Националното биро за истраги (NNI) се сомнева дека сите четворица се вмешани во трговија со луѓе, додека Националната канцеларија за враќање и заштита на средства (NVVH) истражува едно од нив за злоупотреба на влијание. Истрагите се во тек. Операцијата беше поддржана од Европол“,
се додава во соопштението од полицијата.
Во септември, оваа институција објави дека продажбата на политички врски за добивање дозволи за престој врз основа на вработување е еден од првите четири случаи што планира да ги истражи. Двајца поранешни министри од владата на Орбан и поранешниот гувернер на централната банка, Ѓерѓ Матолчи, моментално се во притвор поради обвиненија за корупција, во рамки на одделни истраги.
