Предлогот на американскиот претседател сега треба да биде одобрен од Сенатот
Кристи Меккормик е дипломирана правничка, која од декември 2014 до јули 2026 година била членка на Американската изборна комисија. Претходно работела и како виш правен советник во Секторот за гласачки права при Министерството за правда на САД. Таа важи за блиска до новоназначениот шеф на кабинет на Белата куќа, Стивен Милер, а во неколку наврати во минатото даваше проблематични изјави дека демократите се потпираат на гласање на нелегални мигранти за да победат на американските избори
Американскиот претседател Доналд Трамп предлага Кристи Меккормик од Калифорнија да биде именувана за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија.

На веб-страницата на Белата куќа се објавени сите номинации на Трамп за американски амбасадори во повеќе држави во светот, кои сега треба да бидат одобрени од Сенатот.
„Кристи Меккормик, од Калифорнија, да биде именувана за вонреден и ополномоштен амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија“,
гласи предлогот на Белата куќа.
Кристи Меккормик е дипломирана правничка, која од декември 2014 до јули 2026 година била членка на Американската изборна комисија. За време на својот мандат, ја предводела реорганизацијата на Комисијата, иницирала самити за изборни податоци и пристапност на изборите, а учествувала и во набљудување на избори во речиси сите сојузни држави на САД и во повеќе други земји.
Пред назначувањето во Комисијата, од 2006 година работела како виш правен советник во Секторот за гласачки права при Министерството за правда на САД. Од 2009 до 2010 година била ангажирана и во Амбасадата на САД во Багдад, каде што работела како американски експерт за избори, надгледувајќи ги националните избори во Ирак.
Претходно, работела во правосудните институции во Вирџинија, вклучително и како помошник-јавен обвинител, а била дел и од правните тимови што ја застапувале оваа сојузна држава пред Врховниот суд на САД.
Вршител на должноста амбасадор на САД во Македонија од почетокот на годинава досега ја извршува Никол Варнс, откако дотогашната амбасадорка Анџела Прајс Агелер беше отповикана од функцијата од администрацијата на Доналд Трамп по три години поминати во Скопје како десетти амбасадор на САД.
